Чулев: Неопходно е изборите да бидат фер, слободни и демократски

од Aleksandar Petrovski

Парламентарните избори имаат големо значење за нашата државата и во таа насока неопходно е тие да бидат фер, слободни и демократски. Очекувам, но и инстистирам од секој вработен во Министерството за внатрешни работи да бидат преземени сите законски мерки со кои што ќе се гарантира законитост, безбедност и слободно изразување на волјата на граѓаните.

Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој ги посети Секторот за внатрешни работи Велес и Одделението за внатрешни работи Кавадарци и имаше работни средби со раководствата на овие две полициски организациски единици.

– Дополнително, ниту едно прекршување на законот или пак попречување на избирачкото право не смее и нема да остане несанкционирано. Ги повикувам сите мои колеги, вработени во Министерството за внатрешни работи, како и до сега, да бидат на висина на својата задача и своето постапување да покажат исклучително високо ниво на професионалност, дисциплина и одговорност, истакна министерот Чулев.

Чулев, како што информира МВР, нагласи дека парламентарните избори кои следат првпат се организирани во спефицични услови, за време на пандемија што подразбира зголемен обем на работа од страна на полициските службеници. Дополнително, освен гарантирање на безбедноста на изборите, овој пат полициските службеници имаат обврска да ја гарантираат и здравствена безбедност на гласачите.

На средбите, како што се наведува, Чулев беше детално информиран за сите активностите што се во тек на подрачјата на овие две организациски единици, особено во контекст на полициските подготовки за претстојните парламентарните избори и активностите околу спроведувањето на мерките на Владата за превенција од КОВИД-19.

– Притоа, беше констатирано дека генерално безбедносната состојба на подрачјето на СВР Велес, во чии рамки се наоѓа и ОВР Кавадарци е на високо ниво, а статистичките параметри бележат значително намалување на стапката на криминалитет, се вели во соопштението од МВР.

Во однос на парламентарните избори, од страна на раководството на СВР Велес, министерот, како што се наведува, беше запознат дека се изготвени оперативни планови кои подразбираат контиуирано покривање на подрачјето со цел спречување на изборни нерегуларност и поткуп. Беше потенцирано дека СВР Велес кадровски и организациски е подготвен за изборите кои следат.

Слични содржини