Чулев: Службената белешка од Дончев ќе биде доставена до ОЈО

од Берта Китинска

По разговорот со Ден Дончев, за снимката на која се појави и се гледа како тој става пари во ташна, полицијата веќе има  изготвена службена белешка, која во текот на денешниот ден ќе биде доставена до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, најави денеска по посетата на СВР-Штип, министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Во однос на можноста други лица да бидат повикани, МВР ќе ја согледа таа можност и во наредните неколку денови ќе се донесе одлука.

-Засега освен господинот Ден Дончев како поранешен директор на ФЗОМ нема повикано, меѓутоа полициските службеници ги согледуваат потребите и размислуваат во таа насока, така што во наредниот период ќе се согледа потребата доколку постојат елементи врз основа на кои што треба да ги повикаат со покана, истите ќе пристапат кон реализација. Јас им укажав на колегите дека ја имаат мојата полна поддршка доколку сметаат без разлика на моментот дека се работи пред избори и без разлика дали лицето, кое што треба да биде повикано да даде дополнителни сознанија и информации поттекнува од една или од друга политичка опција и нивото кое што го имаат тие во општеството да постапат неселективно и да ги повикаат. Ја согледуваат потребата од тоа и најверојатно наредните денови ќе се пристапи доколку има потреба за тоа, вели Чулев.

Забележа дека не е само МВР единствената институција, која може да постапи по овие разговори што се објавуваат во јавноста. Според, Чулев  најповикана институција која што согласно Законот за кривична постапка ги води кривичните истраги е Јавното обвинителство.

-Меѓутоа, гледате дека ЈО не поставува и дури тоа јавно не повикува нас како МВР дури и Управата за финансиска полиција да постапиме, и ние врз основа на тој јавен повик и врз основа на професионалните согледувања на колегите постапивме, го повикавме на разговор Ден Дончев, вели Чулев.

Слични содржини