Чулев: Спасовски нека ви каже дали има тонски запис од ПИ-мерките за „Рекет“

од Aleksandar Todeski

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев не сакаше да даде одговор на прашањето дали има или не тонски запис од разговорите во ПИ-мерките со кои биле следени обвинетите во „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, како и осудениот Зоран Милевски-Кичеец. Наместо тоа, тој адресираше одговор да се бара кај премиерот Оливер Спасовски.

„Јас како министер за внатрешни работи ги проверив информациите во однос на наведените три лица што беа објавени во јавноста. МВР по налог на Обвинителство ги реализирало ПИ-мерките, и тоа, следење комуникации и физичко следење на јавен простор со примена на технички мерки. Сите материјали од ПИ-мерките се предадени на тогашниот министер Оливер Спасовски, тој ги предал на Основното јавно обвинителство, па преку ОЈО до судијата на претходна постапка. Согласност внатрешните процедури и законот, МВР не е овластено и не смее да чува копија од доказниот материјал од ПИ-мерките“, рече Чулев.

Тој посочи дека целокупниот метријал е доставен до ОЈО и моментно во МВР не се чуваат копии.

„Ве упатувам во однос на прашањето дали постојат тонски записи од примената на ПИ-мерките да го прашате претходниот министер Оливер Спасовски или Основното јавно обвинителство“, додаде техничкиот министер.

Инаку, откако вчера во „Рекет“ беа презентирани снимки од ПИ-мерките, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со низа обвинувања дека наводно намерно не биле пуштени тонските материјали од мерките.

Слични содржини