Чулев во 12:30 ќе соопшти детали за вчерашната заплена на кокаин

од Aleksandar Todeski

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, во 12:30 часот на прес конференција ќе ги соопшти деталите за вчерашната акција во која беше запленет кокаин. За заплената се лицитираше со бројки во отсуство на официјални информации.

За тоа време пак, функционери на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи од вчера пишуваа за „најголемата заплена на кокаин во Македонија“, што го отвори прашањето дали техничкиот министер Чулев, информациите за заплената прво ги соопштува во партијата.

Во меѓувреме, медиумите во земјава, но и во регионот – Албанија, Србија, Словенија, објавуваат дека дрогата по потекло од Колумбија е запленета во магацин за овошје – банани во селото Крушопек, во скопски Сарај, каде биле донесени со три камиони. По насока на јавен обвинител и по наредба од судија на претходна постапка, приведени се возачите на камионите и сопственикот на магацинот, а се трага и по други лица.

Увозник на бананите во нашата држава е компанијата „Ванекс“ од Крушопек. Пратката од 124 тони банани била натоварени на мексиканското пристаниште Веракруз, за што биле платени 40.460 американски долари. Во операцијата, започната пред три месеци, според извори од МВР, освен македонската се вклучени и италијанската и црногорската полиција, како и американската ДЕА.

А.Т.

Слични содржини