Чулев во изборен период и без потпис од Петровска назначил началник на СВР Тетово

од Aleksandar Todeski
621 прегледи

Противзаконски во изборен период, и без потпис од дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вчера го назначил Гоце Јанкулоски за началник на СВР Тетово.

 

Петровска во изјава за „Локално“ истакна дека поради законските пречки, односно поради назначување во изборен период, таа одбила да го потпише назначувањето, со што Чулев го прекршува и Законот за влада, каде е јасно наведено дека за назначувањето мора да има потпис и од дополнителниот заменик-министер.

„Прептоставувам дека е свесен за тоа, но за жал тоа е негово толкување. Јас не потпишав од тие причини, бидејќи Законот е јасен“, вели Петровска во изјава за „Локално“.

Чулев оваа 15-та и последна измена можеше да ја направи до неделата во 17:00 часот, кога по распуштање на Собранието, собранискиот спикер Талат Џафери ја  потпиша и испрати одлуката за распишани избори до Државната изборна комисија, со што земјата официјално влезе во предизборен период.

Владата во саботата донесе одлука за поништување на решенијата за распоредување на работно место, донесени од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, со кои Петар Ѓорѓиевски се распределува на работно место началник на Одделение за дизајнирање на наставни програми, Центар за обука, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, за распоредување на Џелал Топалоски на работно место полициски советник за СВР, во Единицата за стратешко планирање стандарди и контрола на квалитет – БЈБ, за распоредување на Зоран Дуровски на работно место началник на Одделение за полиција, СВР Битола – БЈБ, за распоредување на Горан Митев на работно место началник на Одделение за криптозаштита, Сектор за безбедност на информации, Оддел за односи со јавноста и стратешки прашања, Организациони единици за потребите на Министерството при Министерството за внатрешни работи, како и решението со кое Владимир Велковски се распоредува на работно место самостоен советник за меѓународна соработка во Кабинетот на министерот при Министерството за внатрешни работи.

На оваа одлука пак, претходеа низа други поништувања на решенија на Чулев, за кои владата одлучила дека се незаконски.

Александар Тодески

Слични содржини