Чулев за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци: Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер

од Nikola Popovski

Поранешниот технички министер за внатрешни работи Наќе Чулев, со соопштение ја информира јавноста дека во МВР во негово време не стигнал софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци.

„Во периодот додека ја извршував функцијата министер за внатрешни работи во ниту еден момент не бев информиран дека Генералниот секретеријат на Владата извршил набавка на софтвер за детектирање на сообраќајни прекршоци, ниту пак е побарано од МВР спецификација за набавка на ваков софтвер, проблематика која е единствено во делокругот на надлежности на МВР, а не на други институции. Никаков софтвер не е примен во МВР во периодот додека бев министер. Уште повеќе, никогаш на Влада или на било каква владина работна група не е дискутирано или имало било каква координација за законски промени со цел примена на наведениот софтвер“, пишува Чулев.

Според него, ниту тогашниот премиер, ниту генералниот секретар или било кој друг не ме информирале дека ваков софтвер е набавен.

„Не ми е јасно зошто Генералниот секретеријат спровел набавка на вакво софтверско решение, со оглед дека Министерството за внатрешни работи, раководено од тогашниот министер, Оливер Спасовски, во истиот период спроведува постапка за набавка на хардверско и софтверско надградување на проектот “Безбеден град”, кое вклучува и софтвер за сообраќајни прекршоци, посебно ако се има предвид дека производителот и одржувач на “Безбеден град” со кој МВР има склучен договор, не дозволува инкорпорирање на надворешни софтверски решенија“, објави Чулев.

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција рече дека има докази дека имало комуникација меѓу Генералниот секретаријат и МВР, токму поради постапките и можноста за имплементација и тестирање на системот

Државната комисија за спречување на корупција ќе ја истражува набавката на софтверот за изрекување казни за сообраќајни прекршоци преку видеонадзор, што лани го купил Генералниот секретаријат на Владата, Драги Рашковски, а како што објави „360 Степени“ и по осум месеци откако е испорачан не е во функција.

Како што објави „360 Степени“, софтверот вреден 81 000 евра е купен лани, но и по осум месеци откако е испорачан не е во функција. Набавката ја спровел Генералниот секретаријат на Владата, Драги Рашковски, кој рече дека софтверот треба да биде дел од системот „Безбеден град“ што МВР планира да го надгради за да може да изрекува казни преку видеонадзор. Но, од МВР посочија дека планираат свој проект за изрекување казни преку видеонадзор и дека за набавката на овој софтвер, со нив немало координација.

Слични содржини