Д-р Даниловски не сака да биде дел од КЗБ: Останувам со независен статус како досега

од Nikola Popovski

Епидемиологот Драган Даниловски категорично негира дека прифатил да биде дел од Комисијата за заразни болести (КЗБ).

– Не прифаќам било чиј предлог за членување во Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Овој мој став се темели на свесноста дека Комисијата за заразни болести никогаш не може автономно да функционира, колку и да се трудат членовите така да биде!

Зошто? Затоа што таа претставува само советодавно тело на Министерот за здравство. Таа нема ингеренции да носи извршни одлуки, туку само заклучоци, кои му ги предлага на Министерот. Тој може, ама не мора, да ги прифати. Крајната одлука е само негова и би требало да биде извршна, пишува д-р Даниловски во објава на Фејсбук.

Според него, ниту одлуките на министерот во тек на пандемијава не се извршни.

-Треба да поминат на Кризен штаб при Владата – евентуално да се модифицираат (влијание на политика!) – и дури потоа формално да се прифатат од Владата, посочува докторот и додава дека во таков амбиент, за него е неприфатливо да ја жртвува својата автономија.

– Останувам со автономен, независен статус како досега – член на универзитетската заедница – и продолжувам да функционирам волонтерски во врска со сѐ што значи стручна помош секому што ќе ми се обрати: Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство – но, пред сѐ, на граѓаните, потенцира епидемиологот.

Ваквата реакција следува откако на дел од медиумите осамнаа наслови „ЛДП предлага д-р Пановски и д-р Даниловски да влезат во Комисијата за заразни болести“.

-Ако слушнам од медиуми дека сум член без да бидам консултиран, веднаш би одбил. Ако бидам викнат на разговор, имам свои услови, па ако истите бидат прифатени би прифатил и јас. Прв услов, укинување на сертификатите, вака во изјава за „Локално“ д-р Никола Пановски ги коментираше пишувањата во медиумите.

Слични содржини