Д-р Глигиќ за двојниот мутант на коронавирусот: Вирусот и понатаму активно се бори за опстанок

од Stefanija Kuzmanovska

Не мора да значи дека двојниот мутант, новата варијанта на коронавирусот, кој го изолираа научниците во Индија, е поопасен од познатите соеви, изјави вирусологот д-р Ана Глигиќ за „Курир.рс“.

Меѓутоа, таа истакнува дека новите мутации покажуваат дека вирусот сè уште активно работи на адаптација кон луѓето и се бори за преживување и дека се можни различни варијанти.

-Вирусот се менува и мутира, бидејќи ако не го прави тоа, нема ни да опстане. Човечкото тело, во контакт со вирусот, се спротивставува и се брани. Повеќето луѓе дури и не се разболуваат, бидејќи човекот не е негов природен супстрат, а вирусот се бори против тоа со тоа што мутира- вели д-р Глигиќ.

Таа вели дека мутациите можат да се случат на различни места на вирусот, што директно одредува колку е опасен. Најопасни, вели таа, се промените на спајкот.

– Ако има неколку точкасти промени на вирусот, тие можат да се акумулираат, односно спојат. Затоа, колку повеќе точкасти промени има, толку е поголема и мутацијата. Во зависност од тоа каде се мутациите, зависи и однесувањето на вирусот. Мутациите можат да бидат на неважно место, затоа немаат никакво влијание врз промената на вирусот. Меѓутоа, тие можат да бидат и на клучно место што влијае на продирање на вирусот во клетките, а тоа може да го направи вирусот попренослив – вели д-р Глигиќ и додава дека Индија, инаку, поради климата и надворешните факти, е ендемично подрачје за сите можни вируси.

Да потсетиме, научниците во Индија, од примероците собрани во таа земја, открија нова варијанта на коронавирусот наречена „двоен мутант“.

Официјални лица, како што пишува британски Би-Би-Си, проверуваат дали варијантата, каде две мутации се комбинираат во ист вирус, може да биде позаразна од другите и дали вакцината е можеби помалку ефикасна кај оваа варијанта.

Слични содржини