Д-р Гривчева Старделова од „Преспа Форум“: Грижата за здравјето на нацијата главно е одговорност на жените

од Nikola Popovski

Претседателот на Лекарската комора на РСМ, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, учествуваше на Првата меѓународна конференцијата во рамки на Преспа форум за дијалог –„Западен Балкан: Делот што недостасува за Европа да биде цела“, на која партиципираа околу 300 говорници од регионов, меѓу кои претседатели, премиери, министри, претставници на бизнис секторот и на невладините организации.

Проф. д-р Гривчева-Старделова, како панелист во рамките на панелот „Жени, мир и безбедност – поглед од Западен Балкан“, ги презентираше состојбите за родовата застапеност во здравствениот сектор, кој се покажа како исклучително важен во справувањето со пандемијата и последиците од кризата која се одрази на сите сектори на општествено живеење.

„Во однос на здравствениот сектор, може да кажеме дека имаме рамноправна родова застапеност. Според Регистарот на доктори на медицина кој го води Лекарска комора, од вкупно 9.330 активни лиценци на доктори на медицина, 5.740 се жени, а 3.590 се мажи, што покажува дека грижата за здравјето на нашата нација во поголем дел е одговорност на женскиот пол. Во однос на застапеноста на жените на раководни функции, иако состојбата не е на ниво кое го посакуваме, сепак има напредок во однос на минатото. Така, ако порано во клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, 33 клиники ги водеа мажи, денеска имаме на овие позиции девет жени. Од вкупно 108 јавни здравствени установи, 38 се раководени од жени. Така, за првпат имаме жена директор на Клиниката за инфективни болести, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и прва жена државен секретар во Министерството за здравство. Во прилог на поволните прилики на однос на родовата застапеност во нашата земја оди и тоа што во 29-годишната историја на нашата Лекарска комора, јас сум прва жена на претседателската функција, а сум единствен претседател на вакво стручно здружение во регионот на Западен Балкан. “На Клиниката за гастроентерохепатологија сум прва жена директор во нејзиното 35-годишно постоење. Горда сум и на тоа што јас сум претседателот на Лекарската комора кој успеа Комората да ја внесе во друштвото на европските лекарски здруженија, со членството во Постојаниот комитет на европски лекари (CPME), иако имаше обиди да се постигне оваа цел уште пред да дојдам на функцијата во Лекарска комора. Овој Комитет е најзначајната организација во ЕУ, а со членството на Комората во ова тело се потврдува стручноста и експертизата на нашите лекари и релевантноста на Комората во вклучување во процесите за креирање на здравствени политики на ЕУ. Се надеваме дека нашиот позитивен пример ќе го следат и другите сектори“, изјави проф. д-р Гривчева-Старделова.

Рамноправноста помеѓу мажите и жените претставува еден од темелните принципи на Европска унија, кон која се стреми и нашата држава. Треба да се истакне и дека досегашното искуство покажува дека земјите што постигнале напредок во остварување на родова рамноправност забележуваат пониски нивоа на корупција со текот на годините.

„Челичната дама Маргарет Тачер рекла: „Ако сакате нешто да биде кажано, прашајте маж. Ако сакате нешто да биде направено, прашајте жена“.Во здравствениот сектор има многу за правење, многу проблеми за решавање. Жените имаат способност, вештини и знаења исто како и мажите и тие се врвни доктори, инженери, економисти, правници, најдобри во она што го работат“, истакна проф.д-р Гривчева Старделова.

Таа потенцираше дека генерално, во здравствениот сектор, има рамнопрвна родова застапеност, дека лекарите имаат еднакви приходи кои бележат тренд на раст, без разлика на полот, еднакви се и шансите за напредување, а се постигна и изедначување во однос на условите за остварување на правото на пензија.

„Ова што сега ни е важно е да се инвестира во човечкиот капитал, да се отворат поголеми можности за напредување преку усвојување на нови знаења и вештини сѐ со цел да се унапреди и подобри целиот здравствен систем“, изјави проф. д-р Гривчева Старделова.

Слични содржини