Актуелно
Почетна / Магазин / Убавина и Здравје / Д-р Митиќ: Македонија треба да го препознае бенефитот од користењето алтернативни тутунски производи за унапредување на оралното здравје

Д-р Митиќ: Македонија треба да го препознае бенефитот од користењето алтернативни тутунски производи за унапредување на оралното здравје

Бројни научни и релевантни студии го истакнуваат пушењето цигари како еден од најважните ризик фактори одговорен за почеток и развој на различни орални воспалителни состојби, вклучувајќи ја пародонталната болест, денталниот кариес, улцеро-некрозниот гингивит, афтозниот стоматит, никотинскиот стоматит, оралниот карцином, орална леукоплакија (преканцероза), меланоза, влакнест јазик и останати бенигни слузокожни заболувања. Добро е познато дека цигарите можат да ја пореметат стабилноста на бојата на забите и на денталните полнења, ги афектираат резултатите на денталните импланти и го компромитираат ефектот на пародонталната терапија. Пушењето цигари доведува до сува уста и појава на лош здив.

Но и покрај сите предупредувања за штетноста врз оралното здравје, сепак остануваат голем број пушачи, кои не се откажуваат или повторно се враќаат на пушењето. Кај оние кои престанале со пушење, негативните ефекти се реверзибилни, при што се нормализира чувството на вкус и мирис, свеж здив, намален дентален плак, забен камен и никотински пигментации.

Иако никотинот е високо зависен, бројни истражувања (Fagestrom, Bridgman, Caponnetto, Rodgman, Kettunen, Russell) препознаваат дека никотинот присутен во цигарите не е примарен причинител за заболувањата поврзани со пушењето. Примарниот причинител произлегува од процесот на согорување на тутунот при што се ослободуваат бројни други канцерогени и токсични состојки кои се опасни по здравјето на човекот.

При согорување и пиролиза на тутунот (600°C до 800°C) се слободуваат јаглероден моноксид, никотин и бројни продукти како одредени метали, алдехиди, Н-нитрозамини, кетони, јаглеводородни соединенија како алкани, алкени, моноциклични ароматични јаглеводороди, полициклични ароматични јаглеводороди, кои се прогласени за канцерогени и отровни материи кои може да претставуваат опасност за здравјето. Истражувањата потврдуваат дека околу 7000 хемиски компоненти присутни во чадот на цигарите се способни да предизвикаат директно оштетување на оралните ткива, хронично воспаление на оралната слузокожа или да го модифицираат имуниот одговор на домаќинот кон надворешните антигени.

Активностите за промоција на јавното здравје се секогаш добредојдени и широко прифатени, а голем број на развиени земји го препознаваат концептот на намалување на штетноста од користење на тутунот. Суштината на овој концепт е престанувањето со пушење како најдобра опција, но на останатите кои едноставно не можат да се откажат од оваа навика, им се дава сугестија за користење на помалку штетни производи како производи кои го загреваат, а не го согоруваат тутунот, никотински лепенки, електронски цигари и други. Токму, користењето на алтернативите со намалена штетност за пушачите, најверојатно ќе резултира со намален вкупен ризик по здравјето на населението во целина, вклучително и за оралното здравје.

Голем број на високо развиени земји како Велика Британија, Норвешка, Нов Зеланд веќе ја применуваат оваа стратегија во нивните здравствени системи. Дополнително, Американската федерална агенција за храна и лекови неодамна го класифицираше IQOS (Philip Morris International) во категоријата производи со модифициран ризик, што предизвика огромен интерес кај научната фела. Според независната анализа на оваа реномирана агенција, IQOS уредот претставува фундаментално различен производ од класичните цигари кај кој процесот на согорување на тутунот е целосно заменет со негово загревање. Во таа смисла, новата технологија „загревање-не-согорување” претставува потенцијална алатка за прекинување со пушењето, која е во согласност со промоцијата на јавното здравје. Пренесувањето на никотинот од тутунот кај IQOS уредот се врши со електрично загревање на тутунот, на температура пониска (до 350 °C) од онаа која ја користат цигарите (600-800 °C), но сосема доволна да ослободи ароматична пареа која содржи никотин и значително пониски нивоа на штетни и потенцијално штетни материи. Истражувањата се согласни дека IQOS производот обезбедува до 95% помалку токсини, канцерогени и слободни радикали во однос на класичните цигари.

Имајќи ги предвид препораките од светските високореномирани институции од областа на јавното здравје, потреба и реалност е Македонија да ги следи новите искуства и да започне со развој и примена на стратегија за намалување на штетноста од тутунот која ќе ги препознае бенефитите на новите алтернативни и помалку штетни производи. Сосема е реално овие производи да бидат широко прифатени, па оттука и потребата стоматолозите да се соочат со овој нов предизвик, како би можеле и пациентите да бидат правилно информирани за предностите на алтернативните производи на цигарите.

Проф. д-р Кристина Митиќ, Специјалист по болести на устата и пародонтот

loading...