Д-р Мојсова Мијовска и Д-р Јовев за првата трансплантација на срце: Тимската работа и добрата координација меѓу здравствените работници може да направи многу за пациентите

од Aleksandar Petrovski

Националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова Мијовска од КАРИЛ и директорот на Универзитетската Клиника за Државна кардиохирургија Проф. д-р Сашко Јовев, вчера гостуваа во дебатната емисија „Топ Тема“ на телевизија Телма по повод првата трансплантација на срце, која се изведе пред неколку денови во нашата земја.

„Нема посилна порака кога ќе проговорат семејствата коишто донирале – тоа што го направи семејството Диневи. Тие проговореа со сите свои емоции, дилеми, стравови. Таа беше пораката која најмногу допре до граѓаните. Тоа нас ни даде за право и отворено да дискутираме на темава. Кога ќе се пренесе една лична приказна, многу полесно допира до граѓаните, отколку кога стручни лица зборуваат за тоа. Пораката е дека дел од вашиот близок живее во друго тело. Срцето чука во друг човек. Ова е порака која допира до луѓето и ја разбираат потребата што значи органодарителството по смртта“, потенцираше д-р Мојсова Мијовска.

Таа истакна дека тимската работа и добрата координација меѓу здравствените работници може да направи многу за пациентите.
„Работиме подолго време на трансплантацијата на срце. Подолго време се подготвуваме – состаноци, критериуми. На тие состаноци беа експертите од нашата земја, од приватните, но и државната кардиохирургија, со која долго време работевме на протоколи. Се спремавме можеби градејќи некои мостови меѓу нас, кој колку може, што можеме, до каде можеме. Дилемите останаа веројатно до последниот момент кога видовме дека можеме. Сите работиме за една цел, пациентите да го добијат органот, во добра состојба и тоа се да биде завршено со дигнитет кон починатиот“, рече д-р Мојсова Мијовска и додаде дека треба да се говори за трансплантацијата и да се подигне свесноста во јавноста за органодарителството.

Директорот на Клиниката за Државна кардиохирургија Проф. д-р Сашко Јовев информираше дека тимот за оваа успешна трансплантација го состави министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и треба да се ориентираме кон што повеќе донори, за да се спасат повеќе животи.

„Со еден донор се спасија три животи. Мислам дека треба да се ориентираме најмногу во тој правец. Моментот кога проработи тоа срце е незаборавен момент. Тоа е моментот кога гледате дека практично се раѓа нов живот – живот кој би бил изгубен за месец, два. Тоа е вистинскиот момент, вистинското чувство и она што ќе остане во сеќавање долги години. Може да ги следиме трендовите и младите луѓе да ги едуцираме кај нас“, изјави д-р Јовев.

Тројцата трансплантирани пациенти се во добра и стабилна здравствена состојба.

Слични содржини