Д-р Пановски: Лекарите препишуваат многу антибиотици што и атлети не би ги издржале

од Берта Китинска

Микробиологот Никола Пановски преку својот Фејсбук статус упати молба до Министерството за здравство  итно да се преведат протоколи за Ковид 19 и да се објават за да служат на лекарите бидејќи се препишуваат преголеми дози на антибиотиц.

-Пациентот е со ЦРП 1,5, леукоцити 3,5, и се друго е во нормала освен покачени д димери 850. РТГ – понагласена бронхијален цртеж долу десно. Терапија: Панцеф, 10 дена, Сумамед 6 дена, Моксирал 10 дена, тоа од антибиотици, друго: ампули Nevaxon, Aminophyllinum, Novalgetol, Urbason, Famotidin, Clexan, се тоа да се прима два пати на ден, инфузија NaCl, и уште 3 суплементи во таблети. Пациентот ги купил сите лекови за 7000 ден, за среќа налетал на мои совесни колеги кои го пратиле на друг интернист и избегнато е ” труење со медикаменти”, наведува Пановски.

Тој додава дека се работи за регион во Македонија каде смртноста од Ковид е три пати повисока од просекот кај нас, а ова била стандардна терапија.

-Како стручен за антибиотици нагласувам: сумамед се пие 3 дена, никогаш не се комбинира со моксирал, спектарот им се преклопува, а инаку во случајов нема индикации за антибиотик, нема пневмонија. За другите лекови нема да коментирам, само не ги разбирам зошто се дадени освен клексанот. Порака до МЗ, ЛКМ, МЛД, Ве молам под итно преведете протоколи за Ковид 19 и објавете ги!!! Хрватските се ок. Ова лудило мора да престане. Едуцираните и совесни матични лекари и оние од секундарното ниво на здр.заштита се под невиден притисок од пациентите да се приклучат кон ова лудило и епидемија од полипрагмазија. Штетата е огромна во секој поглед, па и во смисла на смртноста. Волку лекови одеднаш ни здрав атлета не би издржал.

„По непроспиена ноќ и консултација со пет колеги, кои ги почитувам, а се активни во борбата против Ковид 19, и нивниот одговор 4:1, дека треба да објавам приказ на случај на пациент, не го знам, воден од интернист и него не го знам (резултатите се со избришани имиња и ЕМБГ, ги имаат петте колеги и Министерот Филипче, не би ги објавувал оригинално, сепак)„, пишува Пановски.

Слични содржини