Д-р Петличковски за „Синовак“: Ние не сме во состојба да бираме и мораме да ги искористиме вакцините што ни се достапни

од Nikola Popovski

„Шпекулациите се затоа што нема многу научни податоци. Ние немаме релевантни податоци со кои можеме да кажеме 50,7 или 78,3 проценти е ефикасноста на вакцината Синовак. Го имаме искуството од Кина и ќе ги имаме вакцините“, вели доктор Александар Петличковски за дневникот на ТВ Сител.

Според него, ние како земја не сме во состојба да бираме и мораме да ги искористиме тие вакцини што ни се достапни.

Министерот Филипче во петокот беше запрашан, зошто земјата се одлучила на толку голема количина од вакцината „Синовак“ и покрај тоа што за неа се говори дека има најмала ефикасност во спречувањето на коронавирусот.

„За ефикасноста на вакцината „Синовак“, повеќе пати се консултиравме со Комисијата за имунизација. Публикациите се дека ефикасноста на вакцината не е 50 проценти, како што велат некои, туку е над 70 проценти ефикасна“, изјави министерот.

Тој истакна дека за оваа вакцина се одлучиле, затоа што не постои друга вакцина од некој производител која може наеднаш да стигне во краток период во нашата земја, во толкава количина.

–„Затоа нарачавме 500.000 дози, а и самите гледате дека другите производители периодично доставуваат одредени количини. Ние сакаме пред летните месеци што повеќе лица да бидат имунизирани“, потенцира Филипче.

Слични содржини