Дали е на повидок нов бран на епидемијата во Кина: Благ пораст на бројот на новозаразени

од Nikola Popovski

Кина пријави 30 нови случаи на коронавирус во саботата, 19 повеќе од претходниот ден, соопштија денеска кинеските здравствени власти, повикувајќи се на зголемување на локалните преноси, како и на случаи кои доаѓаат од странство.

Националната здравствена комисија соопштила денеска дека 25-те нови случаи вклучуваат лица кои доаѓаат од странство, додека пет случаи на локално пренесување се пријавени во провинцијата Гуангдонг.

Кина објави вкупно 81.669 случаи, при што бројот на загинатите се искачил на 3.329, според Ројтерс.

Иако бројот на новозаразени значително се намали во однос на врвот на епидемијата во февруари, Пекинг сè уште не успева во потполност да ја спречи новата инфекција и покрај најстрогите мерки за спречување.

Таканаречените „увезени“ случаи, како и асимптоматските пациенти – оние кои го шират вирусот, но немаат никакви симптоми – се најголемата загриженост за Пекинг во последните неколку недели.

Кина ги затвори сите свои граници за скоро сите странци, но заразените Кинези се враќаат од странство.

Здравствената комисија соопшти дека 47 асимптоматски случаи биле регистрирани во Кина во саботата, во споредба со 64 претходниот ден.

Слични содржини