Дали ќе има референдум за парцелата спроти „Холидеј ин“?

од Nikola Popovski

„Општина Центар нема да дозволи ништо спротивно пропишано од одредени услови и закони. Вчера во ДКСК разговаравме дека е потребно да ни достават одредени информации за кои што ние немаме увид, а беа отворени во јавноста. Да видиме кој ги направил тие лажни слики и информации и да сноси одговорност“, изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ за парцелата и планираните висококатници спроти хотелот „Холидеј ин“.

Според него, општина Центар ги преземе сите потребени механизми за да спречи било каква злоупотреба, за да утре некој не каже „еј ова е спротивно“.

„Сега започнува управен акт и наша задача како општина е да се провери во сите закони, дали се исполнети. Ако има иницијатива за референдум, тогаш тој ако е под државен интерес, треба да биде организиран од државата, а ако е од општински интерес, тогаш ќе биде организиран од општината. Сето тоа зависи од тие што треба да ја поднесат иницијативата за референдум“, вели градоначалникот во изјава за „Утрински брифинг“.

Архитектот на еден од објектите кои ќе се градат, Мартин Пановски во вечерашното гостување на „Топ тема“ изјави дека во двете згради кои ќе се градат има станови колку во трите кули во градски ѕид и ништо повеќе. Тој вели дека макетите и рендерите кои се споделуваат во јавноста се целосно неточни и апсурдни.

„Неразбирливо е како е можно некој кој е архитект да исцрта и пласира во јавноста вакви скици и макети. Ова се 3Д прикази правени од наши колеги кои, за жал, или не знаат да читаат план или намерно излажале, за да направат паника во јавноста. По сите архитектонски параметри, на оваа макета имате 500.000 м2. За појаснување, на дадената локација се дозволени 200.000 м2, а ќе се користат 89.000 м2“, рече Пановски.

Слични содржини