Дали ќе се прогласи вонредна состојба за да се реши блокадата на законите во Собранието?

од Nikola Popovski

Доколку не се најде решение за деблокирање на законите што заглавија во Собранието, премиерот Зоран Заев не ја исклучува можноста од повторно прогласување вонредна состојба.  Според него, можни се сите опции за деблокада на парламентот, од средби на координатори на пратенички групи, па сѐ до лидерска средба и вонредна состојба, како што нагласи, „за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ“.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски преку Фејсбук ја подаде раката: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ уште утре да гласаат за петтиот пакет економски мерки за справување со Ковид пандемијата, но на посебна седница.

„Со цел да нема изговори и да излезе на површина фактот кој работи за интересите на граѓаните, а кој за свој личен интерес, барам од Собранието на утрешната седница каде и така има предвидено пратенички прашања, пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже собраниска седница со дневен ред со четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба…“, пишува Мицкоски.

Запрашан за ваквата понуда на Мицкоски, Заев рече дека прифаќа сè што е во интерес на граѓаните и што нуди брза можност за деблокирање на законите.

„Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници. Сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство“, изјави денеска Заев.

За прогласување вонредна состојба во земјата, потребни се двотретинско мнозинство во Собранието, односно 80 пратенички гласови.

Слични содржини