Дали комарците го пренесуваат коронавирусот?

од Vladimir Zorba

Најголем непријател на луѓето во текот на летото се секако комарците, инсектите за кои се знае дека се преносители на Западно нилскиот вирус, инфекција со вирусот Зика, треската Чикунгуња и разни други болести кои можат да ги заразат луѓето. Но, што е со коронавирусот?

Како што доаѓаа потоплите денови и многумина поминуваа повеќе време во дворот и на нивните тераси, многумина се прашуваа дали болеста КОВИД-19 може да се пренесе со каснување од комарец, пишува „Фокс Њуз“.

Постојат неколку видови на коронавируси, вклучително МЕРС и САРС, и секој од нив предизвикува смрт. Наспроти тоа, новиот коронавирус САРС-КоВ-2 е непознат за медицинската заедница. Се разбира, она што е познато е дека семејството на коронавируси може да предизвика болест кај животните, но ретки се случаите животно заразено со вирусот да ја пренесе инфекцијата кај луѓето. Сепак, ова не важи за „КОВИД-19“.

Неодамна, истражувачите потврдија дека тигрите во зоолошката градина во Бронкс се позитивни на коронавирусот, а се верува дека се заразиле по контакт со луѓето. Исто така, има извештаи дека во Америка се појавиле неколку случаи на заболени миленичиња, особено мачки, кои се заразиле по блискиот контакт со заразени.

Значи, прашањето е, дали комарецот може да биде преносител на коронавирусот?

„Нема извештаи кои докажуваат дека вирусот се шири кај луѓето преку комарци“, изјави д-р Мери Шмит за „Фокс њуз“, специјалист за заразни болести и интерна медицина.

„Ако тоа беше патека за пренесување на инфекцијата, ќе видевме вакви случаи на Блискиот исток, каде Блиско источниот респираторен синдром (МЕРС) што го предизвикува коронавирусот е присутен веќе шест години“, додаде Шмит.

Специјалистот за инфективни болести Мери Шмит се осврна на студија која открила дека ако комарец се храни со крвта на лице заразено со МЕРС, присуството на вирусот во инсектот може да се открие уште во првиот ден. Сепак, за ова да стане закана за луѓето, треба да се случат серија специфични настани.

– За ова да се случи во реалниот живот, комарците треба да заразат со вирусот за време на хранењето. Вирусот потоа се размножува во цревното ткиво, се шири на секундарни места, вклучувајќи плунковните жлезди и на крајот се ослободува во секрети (плунка). Така може да се инјектира во кожата на една личност за време на хранењето, објасни таа.

Шмит посочува дека комарците треба да продолжат да се следат. Американското здружение за комарци (АМКА) исто така објави дека ќе продолжи да ја следи состојбата заедно со службениците за јавно здравје.

На почетокот на март, Светската здравствена организација (СЗО) објави дека нема информации или докази што укажуваат дека „КОВИД-19“ може да се пренесе од комарци.

Слични содржини