Дали кривичното гонење на украинските борци од Азовстал ќе ги прекрши Женевските конвенции?

од Stefanija Kuzmanovska

Било каков потег на Русија да гони и потенцијално да егзекутира некои од стотиците украински борци кои се предале во Мариупол може да ги прекрши Женевските конвенции, во кои се наведува дека воените заробеници не треба да се казнуваат за учество во непријателства.

Загриженоста ја истакнал министерот за вооружени сили на Велика Британија, Џејмс Хепи, пренесува британски „Гардијан“.

– Мислам дека имаше доволно злосторства во оваа војна. Само мислам дека треба да бидеме многу јасни, овој вид на злосторство би бил целосно осуден од Западот. Воените заробеници го имаат статусот содржан во Женевската конвенција, изјави тој за радио станицата ЛБЦ.

Меѓу оние кои повикаа на кривично гонење на борците кои ја напуштија фабриката за челик Азовстал во Мариупол е и прорускиот сепаратистички лидер од Доњецк, Денис Пушилин, кој во средата рече дека судот ќе одлучи за нивната судбина.

Женевските конвенции се состојат од четири договори и три протоколи со кои се воспоставуваат меѓународни правни стандарди за хуманитарен третман за време на војни. Единствениот термин Женевска конвенција обично се однесува на договори договорени во 1949 година по Втората светска војна.

Конвенцијата од 1949 година наведува дека воените заробеници не смеат да бидат кривично гонети за нивното директно учество во воените дејствија и јасно е наведено дека притворот по апсењето не треба да се гледа како форма на казна, туку како средство за спречување на понатамошно учество во конфликтот.

Единствениот дозволен исклучок е органот за притвор да може да ги гони затворениците за можни воени злосторства. Едно од наводните изговори на Русија за нејзината агресивна војна против Украина беше дека членовите на полкот Азов во Мариупол се одговорни за воени злосторства.

Нацистите од баталјонот Азов беа тие што осум години намерно и крајно сурово го истребуваа цивилното население во републиките Доњецк и Луганск, тврдел портпаролот на руската одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков на почетокот на битката за пристанишниот град.

Загриженоста за потенцијалната судбина на некои украински војници е покрената по заканите од руските официјални лица дека ќе ги третираат како „терористи“ наместо како борци.

Иако портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, вети дека борците што ќе се предадат ќе бидат третирани „во согласност со меѓународните стандарди“, тоа веднаш беше поткопано од изјавите на други руски претставници.

– Нацистичките криминалци не треба да се разменуваат, изјави претседателот на Државната дума Вјачеслав Володин во својот говор во вторникот, осврнувајќи се на украинските понуди за размена на затвореници.

– Кај нас човечките односи се со оние кои се предале или биле заробени. Но, што се однесува до нацистите, нашиот став треба да остане непроменет: тие се воени злосторници и мора да направиме се за да им се суди, додаде тој.

Руското Министерство за правда во вторникот апелираше до Врховниот суд да го прогласи Азовскиот полк за терористичка организација, што веројатно ќе биде уште една пречка за потенцијална размена.

Слични содржини