Дали молкот на Данела е знак дека ги „извозе“ скопјани или дека забрзано работи да имаат бесплатен јавен превоз?

од desk4

И по еден месец откако Данела Арсовска стана „мајка“ на скопјани, нема абер да соопшти кога граѓаните на Скопје ќе се возат бесплатно во градските автобуси. И на првата прес-конференција, исто како и за време на кампањата за локалните избори на кои граѓаните на Скопје и ја дадоа довербата, таа немаше одговор на ова прашање.

Наместо „отчет“, граѓаните се соочија со новата Данела, која автобускиот превоз го замени со службена лимузина. Со тоа исчезна сликата од кампањата на која гласачите ја гледаа Арсовска како се вози во црвениот градски автобус во кој даваше изјави, дека ако скопјани гласаат за неа ќе имаат „брз, безбеден, ефикасен и бесплатен јавен превоз“. Јавноста не може да добие одговор ниту дали некогаш Арсовска разговарала со било кој претставник од ЈСП-Скопје, за начинот на функционирање на јавниот превоз, условите и можностите за спроведување на идејата за бесплатен превоз за сите категории на граѓани.

Сепак, „возењето“ на Арсовска до првиот и последен настап во јавноста по локалните избори, не помина незабележано од медиумите. Таа на прес конференција која ја одржа два дена по нејзиниот избор, дојде со службено возило кое случајно или, пак не, беше паркирано подалеку од местото на настанот.

-Зошто не патувате со автобус, туку дојдовте со службено возило?, прашаа новинарите. 

Арсовска: „Го оставиле во крш системот, сега треба во моментот да ги средиме ситуациите, за жал или за среќа“.

-Ветувавте бесплатен јавен превоз? Дали можете да ни дадете детали како ќе се реализира тоа?

Арсовска: „Мора да ми дадете,(…?) Прво дури и на секоја една Влада која се случува на национално ниво (…? ). Јас верувам дека граѓаните, меѓутоа не само и граѓаните, туку и вие како новинари, им давате можност да отпочнат со реализација на проектите. Мора да разберете дека јас пред два дена влегов во (….?)“ , рече Арсовска.

-Сигурно имавте некаков план?

Арсовска: „Утре имаме цел ден за тоа. Ќе дојдете утре, ќе разговараме два часа, три часа на сите овие теми“?

После ваквиот медиумски настап „мајката“ на скопјани, ја снема од очите на јавноста.

Оттогаш граѓаните немаат шанса да добијат одговор од Арсовска, (која доаѓа од редовите на економската фела и добро знае што значи „економска соработка“), дали ќе останат и без Автобуското метро, за кое Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на Градот Скопје за таа намена му додели 70 милиони евра. Арсовска најави дека парите ќе ги пренамени и дека за тоа ќе разговара со ЕБОР. Наспроти, ова дел од медиумите веќе објавија дека за ЕБОР таквиот потег е невозможен бидејќи парите се одобрени врз основа на проектот.

Наместо Арсовска на оваа тема проговори лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски но, без да даде прецизен одговор дали ја поддржува идејата на новата градоначалничка, околку стопирањето на проектот со кој Скопје треба да добие Автобуско метро. Тој посочи дека со одредени измени парите од ЕБОР може да се задржат, а скопјани да добијат тоа што го заслужуваат. Прецизираше дека изјавата ја дава и како професор и како инжињер.

-Тоа техничичко решение за жал кое што ни го претставуваат, како техничко лице на скала од 1 до 5 го оценувам со најниска оценка еден, а како професор тој нема да го помине испитот. Со мали корекции, но и со суштински измени на тој проект средствата сепак ќе бидат тука и ќе можат скопјани да го добијат тоа што го заслужуваат, а не тоа што некој се обидел да им го наметне, рече Мицкоски.

Мицкоски во името на „независната“ Арсовска побара и трпение. Најави дека според тоа што му го пренела  градоначалничката, очекува  јавноста во нареднот период да се занимава со „оставеното“ од нејзиниот претходник.

-Нормално е да се остави стотина дена за да се видат првите резулати и начинот на функционирање од она кое што го гледаме во Градот Скопје, а и тоа што таа го гледа во Градот Скопје, и кое што мене ми е пренесено, јавноста и тоа како ќе се занимава за тоа што оставил нејзиниот претходник. Почекајте бидете трпеливи ќе бидеме достапни на медиумите, а богами оставил многу со кое што ќе се занимаваат и обвинителстовото и другите органи во држават, рече Мицкоски.

Во меѓувреме Арсовска не се појави ниту на доделувањето на наградите за „13 Ноември“. Јавноста ваквиот потег го оцени како срамно и несериозно однесување на градоначалничката бидејќи церемонијата ја организира Град Скопје.

Дел од аналитичарите за „Локално“ молкот на Арсовска го толкуваат и како период во кој е можно новата градоначалничка да прави анализи како да ја „пребои“ градската администрација по теркот на останатите градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. 

Градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ на Општина Бутел, Дарко Костовски неодамна од работа избрка 60 вработени во општината, со договор на дело. Тој тоа го стори под плаштот на „неработници“, и „админстрацијата мора да биде високо професионална“. На својот фб пофил, напиша дека од избрканите, триесетина лица со години воопшто не се појавувале на работното место, дел се појавувале повремено, додека пак дел биле редовни но, немале буквално никакви работни задачи. Како доказ за тоа го наведува системот за евиденција на работно време во општинската зграда.

„Општина Бутел не смее да биде заложник на вакви нити пак слични ситуации во иднина, потрошени се премногу средства сосема непотребно, средства со кои можело да се направат голем број проекти за добро на граѓаните“, напиша Костовски.

И градоначалникот на Општина Јагуновце од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Димитар Костадиновски веднаш по седнувањето во кметската фотелја од работа избрка шест вработени со договор на дело. Најави дека иста судбина ќе ги снајде и други вработени во општината. Од општинската организација Јагуновце на СДСМ обвинија дека градоначалникот Коостадиновски без парче леб ги оставил семејства на избрканите, со што на дело ја покажал „осветничката и нехуманата политика на ДПМНЕ. Нивните стапки ги следеа уште неколку градоначаници од редовите на партијата на Мицкоски.

Каква локална самоуправа ни треба?

Универзитетскиот професор Борче Давитковски, за реформите во јавната админстрација често говори дека ги нема од ниту една владејачка гарнитура, и дека по секои локални избори, администрацијата се полни со партиски  несоодветни кадри. Тој порачува дека без професионална администрација, од година во година паѓа квалитетот на услугите, со што граѓаните се се понезадоволни. Според Давитковски потребна е департизација на админстрацијата со цел да се обезбедат брзи, ефикасни и квалитетни услуги.

Во последното истражување на Метаморфозис насловено како „Препораки за подобрување на состојбата, Отвореност на инстиутиците на локална самоуправа во регионот и Република Северна Македонија“ од 2019 година, се заклучува дека во работењето на единиците на локална самоуправа (ЕЛС), има мало подобрување во интеракцијата со граѓаните, (отворени се активни профили на социјалните медиуми, имањето на фиксни часови за консултација со претседателот на ЕЛС…), но дека тоа не е доволно.

Меѓу другото авторите пишуваат и дека недостига градењето на капацитетот на државните службеници во поглед на концептот на отворени податоци и упатство за нивно користење и објавување.

„Единиците на локална самоуправа (ЕЛС)најмногу го занемаруваат обезбедувањето пристап до информации, бидејќи постои недостаток на информации за лица за контакт одговорни за пристапот до информации од јавна важност достапни на веб-страница, информациски/граѓански бироа што служат како центри за документирање или како јавни бази на податоци, каде ќе се објавуваат одговори на барања за информации од јавен карактер, ажурирани водичи за слобода на информации објавени на годишно ниво или посебен дел за релевантни податоци за слобода на информации на нивните веб-страници. Она што се повторува е недостигот на одржување обуки за пристап до информации од јавен карактер. Поради тоа што ова поле е еден од столбовите за вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки на локално ниво, а тоа поле е на ниво под стандардот, невозможно е граѓаните да добијат соодветни информации. Исто така тие не можат да ги добијат информациите на време и на начин разбирлив за нив и поради тоа се спречени да ги искажат своите потреби преку вклучување во дебати за прашања од локален интерес“ пишува во студијата.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијалнса за Албанците, за време на изборната кампања вети освен бесплатен автобуски превоз, вети и воведување ноќни линии посебно во викенд, као и нови авботуски линии и нови постојки.  Таа вети и нови 250 еколошки автобуси. Без да го објасни проектот за бесплатен автобуски превоз таа за време на изборната кампања говореше:

– Вакви решенија има досега во Франција, каде во повеќе од 30 општини тоа веќе функционира. Во 2013 година во Естонија, Талин стана првиот главен град на ЕУ што направи промена, а минатата година Луксембург, со население од 626.000 жители, стана првата земја што понуди целосно бесплатен јавен превоз, најавуваше Арсовска.

Б.Т.

Слични содржини