Дали отворањето на рестораните за свадби ќе ги охрабри младите да стапат во брак?

од Vladimir Zorba

Откако минатата година поради короната не успеале да организираат свадбена веселба, Марија Т. и нејзиниот иден сопруг втора шанса гледаат во летниот период оваа година.

Идентична одлука за презакажување на свадбената церемонија донеле повеќе од половина од идните младоженци кои се надеваат дека во 2021 та година конечно ќе ја остварат својата желба. Најголемиот дел од нив не се согласуваат со какви било отстапки во однос на нивниот сон.

„Од мала сонувам да бидам невеста на свадба со многу гости и музика. Ако треба повторно ќе ја презакажеме, но свадба мора да има“, вели Марија Т.

Надеж имаат и сопствениците на ресторантите за свадби кои се во исчекување на протоколите за работа.

„Крштевки, родендени и свадби можат да се организираат без жива музика, но со протоколи кои важат за угостителските објекти, односно дозволено седење на најмногу 4 гости на маса“, изјавија за локално.мк претставници на сопствениците на ресторани за свадби.

Владата засега молчи, а во меѓувреме излегоа статистистичките податоци според кои бројот на склучени бракови лани се спуштил на само 9.200 што е за 4.617 помалку од 2019 година и е најниска бројка во историјата на Македонија. Оттука и проценките дека ваквиот тренд негативно ќе се одрази на природниот прираст на населението кој и онака веќе е во негатива. Уште позагрижувачки е зголемениот број на разводи, бидејќи годината која помина во карантини, се развеле 2.284 парови што е најголем број на разводи во последните 10 години. Тоа е за речиси 300 разводи повеќе од лани и за околу една третина повеќе од десет годишниот просек.

Според професорот по социологија и културна антропологија Илија Ацевски, една од причините за намалениот број склучени бракови е неможноста да се организира свадбена веселба според желбите на семејствата на младенците.

„Свадбата е манифестација, претстава на семејството, на роднините кои уживаат и се веселат на новата врска“, вели Ацевски.

Проблемот настанува кога ваквата замислена слика не се реализира поради короната, и официјализирањето на врската се одложува за некое идно време. Сепак, според него прогнозите нема да бидат пооптимистички ниту по завршувањето на короната. Периодот потоа нема драстично да го зголеми бројот на склучени бракови бидејќи ќе следи економска криза.

Анализите, вели Ацевски покажуваат дека суштинските причини за намалениот број на склучени бракови се подлабоки кога санува збор за Македонија и слични земји на сличен степен на развој и стандард.

„Македонското општество е во процес на глобализација и модернизација кои длабоко ги зафаќаат сите домени на социјалниот живот, каде имаме радикален прекин на традицијата и вредностите кои со векови наназад играле голема улога и го дефинирале секојдневието на луѓето, каде било нормално некаде околу 20 годишна возраст да се стапи во брак и тоа било нормално, а денес е ненормално“, вели Ацевски.

Во ситуација на несигурна материјална егзистенција од една и модернизација на општеството од друга страна бракот според него се претвора во тешка мисија особено за оние кои се доволно свесни дека тој со себе носи многу одговорност, а малку привилегија или некоја добивка. Во оваа насока се и неговите толкувања во однос на зголемениот број разводи. Короната, вели е само дополнителна причина, бидејќи пред се е психо-социјален одговор на младите на состојбата во која не доведе овој вирус и стравот за сопствениот живот.

„Живототот за време на короната и постојаното упатување еден кон друг меѓу 4 ѕида само ги исфрли на површина темните страни на личноста“, вели Ацевски.

Посочува дека голем дел од македонските граѓани се невротични, половина од нив живеат во мал простор, во заедница, па оттука не треба да не зачудува одлуката што во ваква ситуација се повеќе сопружници одлучуваат да стават крај на заедничкиот живот.

Секако, ваквите депресивни проекции не се во мислите на идните младоженци. Нивните исчекувања во моментов се единствено насочени кон денот кога ќе бидат отворени рестораните за свадби, а тие ќе можат да направат веселба според своите желби.

К.В.С.

Слични содржини