Шефот на државата на потег: Ќе го потпише ли Пендаровски, Законот за дивоградби?

од Берта Китинска

Собранието го изгласаат Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, како нуспојава е донесена практично амнестија на сите обвинети за кривичното дело Бесправно градење.

Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.

Пратениците од ЛДП, ДС и ДОМ со барање до Пендаровски

Пратениците Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин и Мирослав Богдановски од ДОМ, бараат од претседателот на државата да не се потпише указот за прогласување на Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти.

– Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти е нешто што не смее ни да се размислува во една правна држава во која владеат демократските принципи. Ваквиот закон не е ништо друго освен закон за амнестија, бидејќи градењето надвор од законски предвидената постапка, без соодветно одобрение претставува кривично дело, велат тие во писмото испратено до претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Законот е дискриминирачки

Законот за легализирање дивогради е дискриминирачки во однос на граѓаните кои ги почитуваат правните процедури, изјави за „Локално“ пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин.

Неговото изгласување со 72 гласа за неа е непријатно изненадување, особено ако се земе предвид фактот дека како што вели „ретко кога досега за одредено законско решение во Собранието сме имале ваков консензус“.

Како неприфатлива ја посочува можноста за легализирање на дивоградбите која повторно им се нуди на граѓаните откако ваков речиси идентичен закон беше донесен во 2011.

„Со постојано продолжување на рокот, секој имаше можност да ги легализира дивоградбите, но сепак процесот на изградба на дивоградби не запре“, децидна е Морачанин.

Нешто што е бесправно изградено, вие сакате да му дадете правен статус

Народниот правобранител на Република Северна Македонија, Насер Зибери во своето гостување во емисијата Топ Тема на Телма телевизија истакна дека последното дополнување на Законот за легализација на дивоградби предизвика дополнителна вознемиреност кај граѓаните.

– Самиот наслов на Законот за легализација на дивоградби зборува за контрадикторноста што ја носи содржината на законот. Насловот на законот е утврдување на правниот статус на бесправно изградени објекти. Нешто што е бесправно изградено, вие сакате да му дадете правен статус, односно да го легализирате. За волја на вистината, сличен Закон ние имавме од 2012 година, со кој се предвидуваше легализација на сите нелегално изградено објекти до 2011 година. Истиот Закон во неколку наврати беше изменет само во деловите каде што се предвидуваше рокот за барање на леглизација, истакна Зибери

Пендаровски прво ќе го разгледа законот

Од  кабинетот на претседателот велат дека ќе го разгледа законот, по што ќе донесе одлука дали ќе го потпише Указот.

-Указот за прогласување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти денеска е доставен Собранието на Република Северна Македонија. Претседателот Стево Пендаровски ќе го разгледа текстот на законот, по што ќе донесе одлука и навремено ќе ја информира јавноста, информираа од Кабинетот на претседателот Пендаровски.

Слични содржини