Бугарија нема да ја запре Македонија сама, освен ако некој во ЕУ не ѝ помогне околу тоа

од Nikola Popovski

Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во ТВ гостување откри дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи од неговата бугарска колешка Екатерина Захариева добил ултиматум Северна Македонија да направи уставни измени, односно да се потпише договор меѓу земјава и Бугарија сличен на Преспанскиот договор, премиерот на земјава, Зоран Заев порача „тој да не се однесува неодговорно“ и да им остави шанса на преговорите меѓу двете земји.

„Не знам на што мисли Мицкоски, но ние имаме разговори, тие се дел и пишани материјали. Јас не би ги коментирал изјавите на Мицкоски, затоа што сѐ што видовме од него е едно неодговорно однесување. Ние сме одговорни, сакаме договори, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека даваме максимални напори, позитивни аспирации, внимание и пријателство, за да ги постигнеме договорите и, секако, она што е најважно за нас, да ги заштитиме нашите интереси, но водејќи грижа и за интересите на бугарската страна“, рече по тој повод Заев.

Од друга страна, министерот Бујар Османи најави дека неодржувањето на првата меѓувладина конференција на Европската Унија и Северна Македонија во декември е неуспех за сите, и за нас и за Бугарија и за германското претседателство, но и за сите учесници во Берлинскиот процес.

„Односите со соседите не се регулираат со шпекулации и тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата“, изјави Османи, коментирајќи ја изјавата на Мицкоски.

„Бугарија сама нема да ја блокира С. Македонија“

По повод новите моменти во македонско-бугарскиот спор, професорот Иваило Дичев за Локално вели дека во контекст на шпекулациите во македонските медиуми и изјавата на Мицкоски дека Борисов и Захариева побарале од македонскиот министер за надворешни работи Османи нов договор со Бугарија, вели дека во нивната земја има внатрешни проблеми и тоа видливо ја одвраќа публиката со македонската тема, што е кај нив многу емотивна.

„Изборите тука се најдоцна на пролет, па до тогаш ќе имаме тензии по ова прашање“, изјави Дичев.

За тоа дали ова значи влошување на односите со Бугарија и враќање на почетното ниво пред потпишувањето на Договорот за добрососедство, Дичев смета дека тоа веројатно нема да се случи.

„Бугарија нема да ја запре Македонија сама, освен ако некој во ЕУ не ѝ помогне околу тоа (Франција, Холандија…) Според мене, ќе има притисок од разумни сили (на пример од Германија) врз Софија да не го запира Скопје, а за возврат Бугарија веројатно ќе добие нешто“, вели Дичев.

Вели дека навистина не знае што очекува Бугарија од Македонија.

„Дали има компромисни формулации како што е Гоце, дека бил етнички Бугарин, но подоцна станал основач на македонската нација? Заеднички корен, заедничка историја? Сериозна тема е профашистичката окупација на Македонија во 40-тите и комунистичкиот антибугарски терор по 40-тите и има смисла да се зборува за тоа, но тие сè уште не се ни започнати. Сепак, потребни се меѓусебни отстапки во овој период. Кај нас постојано повторуваат дека имало антибугарски сентиментации во Македонија, но не разбирам што се тие – веројатно станува збор за оваа окупација, формулацијата „бугарски фашизам“, што овде се смета за навредлива. Без разлика дали имало фашизам во нашата земја, што е предмет на долги дебати. Воопшто десницата овде вели дека немало, а дека царот Борис Трети бил англофил и бил принуден од историски околности… Од друга страна, сојузникот на Хитлер, ги предал вашите Евреи… Според мене, ова е една од причините за раздорот“, смета професорот.

Во поглед на јавната дискусија во Бугарија на научниците и политичарите за предлогот за промена на значењето на 24 мај – од „словенски“ во празник во „Бугарска писменост, образование и култура“, професорот Дичев изјави дека таквата идеја била лошо прифатена и многу научни материјали објавени се против таквата одлука.

„И јас пишував за истото. Азбуката е секако словенска, Кирил и Методиј не стапнале тука и таа продолжува со глаголицата и се користи паралелно долго време. Ова е уште еден идиотизам на нашата ВМРО. Живееме во прилично непријатни времиња, и ние, и вие, и Американците“, рече Дичев за Локално.

„Мицкоски има за цел да добие поголем рејтинг заснован на бугарската реторика“

Бугарскиот историчар Кирил Илиев, за Локално вели дека, според негови информации, во бугарскиот државен врв немал такво барање за нов Договор за добрососедство, налик на Преспанскиот.

„Сето тоа е шпекулација од страна на Христијан Мицкоски со цел да се пренагласи ситуацијата и да се создаде дополнителна напнатост. Можеби Мицкоски има за цел да добие дополнителен рејтинг заснован на антибугарската реторика и да создаде предлози во општеството во Македонија што треба да бидат против Бугарија. Бугарија не го негира правото на денешните луѓе во Северна Македонија да се самоидентификуваат како етнички Македонци, како и нивното право да го сметаат својот јазик за македонски. Проблемите што ги имаме се во врска со историскиот наратив пред 1945 година“, изјави историчарот.

Илиев смета дека општо, постои заладување на односите меѓу двете земји.

„Имавме големи очекувања од Мешовитиот комитет на експерти за историски прашања, а суспендирањето на неговата работа доведе до зголемени тензии. Се чини дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка го крши Македонија со прекинување на работата на историската комисија. Не сакам Македонија да биде запрена од Бугарија на пат кон ЕУ, но не ја исклучувам таквата опција“, вели историчарот.

За тоа, каква е судбината на Македонија и регионот, Илиев вели дека таа не зависи само од Бугарија или од други земји во Европската Унија.

„Мислам дека на Доналд Трамп многу му се допадна идејата за „Балкански Шенген“, и ако победи на изборите во Америка, голема е веројатноста дека тоа ќе биде судбината на земјите од регионот кои не се дел од ЕУ. Според мое мислење, ова е следниот чекор што овие земји ќе го направат. Потсетувам дека на крајот на минатата година, Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер рече дека идејата за создавање на „Балкански шенген“ има поддршка од Вашингтон“, рече Илиев.

За предлогот за промена на значењето на 24 мај – од „словенски“ во празник во „Бугарска писменост, образование и култура“, бугарскиот историчар смета дека двата настани се погрешно поврзани едни со други.

„Промената во името на празникот доаѓа како резултат на долгогодишната дебата во бугарското општество и научните кругови за тоа како треба да го наречеме празникот на 24-ти мај“, соопшти Илиев за Локално.

Без напредок во Комисијата за историски прашања

Македонските и бугарските историчари не постигнаа напредок во однос на Гоце Делчев, иако на маса биле поставени нови идеи и предлози околу неговиот лик и дело. Засега не откриваат детали, но најавуваат нова средба до крајот на годината и уште пет следната година.

„Има мали поместувања кон напред и за мене тоа е важно во моментов. Процесот на разговори продолжува и понатаму, со сите тешкотии и сите чувствителни теми кои се на маса. Молам за трпение и поголема ематија и кон нас и кон колегите од Бугарија, за да можат прашањата да бидат дискутирани со што помалку емоции и тензии. Само на тој начин можат да се надминат работите“, изјави копретседавачот на Комисијата од македонска страна Драги Ѓоргиев по дводневните разговори во Скопје.

Копретседателот од бугарска страна Ангел Димитров вели дека очекува одговорно однесување кон историските факти за да се постигне ситуација во која нема да има повеќе проблеми.

„Идентитетот на Гоце Делчев го определува тој самиот, а не ние. Тој е таков, каков што е. Тој е таков какво што е неговото семејство, средината во која е формиран како личност. Тоа е идентичноста“, изјави Димитров.

Никола Поповски

Слични содржини