Дали треба повторно да се понуди “сламка’’ на спас на институциите кои не плаќале за потрошената електрична енергија?

од Radmila Tasevska

АД МЕПСО ќе побара од Македонски железници да ја плати неовластено превземената електрична енергија по цена определена со балансниот механизам. Во изјава за Локално, компанијата обелодени дека во периодот од 15.12.2022 г. на полноќ, до денеска напладне, вкупно се превземени 31.170 KWh електрична енергија.

„Бидејќи од 15 Декември за превземената електрична енергија МЖ Транспорт нема снабдувач, истата е испорачана со користење на балансната енергија со која АД МЕПСО располага. Во овој месец не се регистрирани други потрошувачи кои неовластено превземаат електрична енергија“, велат во компанијата.

Фактот дека МЖ Транспорт само прв ја отвори “Пандорината кутија’’, а зад него во редот, како должници на ЕВН има повеќе државни институции меѓу кои и Клиничкиот центар ја разбранува јавноста и отвори многу дилеми. Според професорот Антон Чаушевски, евентуалното исклучување на некои од потрошувачите сигурно ќе предизвика одредени последици по вкупниот систем.

„Секако тука мислам на оние кои имаат општествена задача (како на пример здравствените институции). Сигурно дека ќе бидат предизвикани проблеми од аспект на здравствената нега, односно би се парализирала работата на тие установи’’, изјави Чаушевски за Локално.

Во меѓувреме, поедноставнување на ситуацијата не обезбеди ни најавата на премиерот Ковачевски дека со прераспределба на средства во буџетот, ќе се платат сметките на должниците. Првото предупредување веднаш дојде од страна на Енерџи Деливери Солушнс (ЕДС) од каде побараа Владата да помогне и кај јавните претпријатија што должат и кон останатите снабдувачи со електрична енергија, а не само кај оние што ги снабдува ЕВН. Од таму потсетија дека балансната група којашто ЕДС ја снабдува ја сочинуваат повеќе од 500 правни субјекти, од кои над 200 се јавни претпријатија и институции кои имаат одговорност кон граѓаните. Токму одговорност, но од првите луѓе на институциите кои должат големи суми пари за потрошена електрична енергија побара и јавноста. Според професорот Горан Рафајловски, време е конечно да се воспостави ред.

„Доколку станува збор за одредена компанија којашто не е во состојба да ги плаќа сметките, но е во рамки на специфична област којашто е од поголемо значење и интерес, треба да се создадат одредени рамки. Можеби треба помош во социјална смисла и во тој случај, доколку во одреден период фирмата успее да се “подигне’’ ќе добиеме успешна приказна, но во спротивно, треба да бидат превземени елементи и акции коишто важат за сите граѓани“, изјави за Локално, Рафајловски. Оттука според него, не треба да има дистинкции меѓу државни или приватни компании, бидејќи зад секоја институција стои поединец со индивидуална одговорност.

Сметките на компаниите и институциите кои што имаат долг кон снабдувачите со електрична енергија Владата најави дека ќе ги плати штом ќе биде одобрена прераспределбата во Собранието. Вкупниот долг на државните и јавни институции за струја е над 40 милиони евра од кои долгот на Клинички за период од три години е повисок од седум милиони евра., а на „Железници транспорт“ е околу 6.5 милиони евра.

К.В.С.

 

Слични содржини