Дали ВМРО-ДПМНЕ се „договара под маса“ со ДУИ на сметка на ВЛЕН: „Партиите да се придвижат кон заедничка цел – суштински проблем на Македонија е јавниот долг“

од Nikola Popovski
180 прегледи

Со двотретинско мнозинство и Бадентер, изгласани измените во Законот за локална самоуправа, со кој се предвидува да се избегне одржување на вонредни избори за градоначалници во три општини. Поддршка дадоа и пратениците од Европскиот фронт. Против беа 17 пратеници. Аеродром, Гостивар и Сарај ги водат в.д. градоначалници, откако Арбен Таравари и Тимчо Муцунски станаа министри, а Блерим Беџети пратеник.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети пред гласањето во име на пратениците од Европскиот фронт рече дека причината поради која Европскиот фронт ќе ги поддржи измените се да не ги малтретираат граѓаните да гласаат и да не се трошат дополнителни средства.

Ова не е новост, со оглед дека ДУИ веќе помогна во носењето на законите за државната управа. Не треба да се зборави дека во текот на изборната кампања беа објавени голем број обвинувања на релација „Бела палата-Мала Речица“, а се споменуваа и „бисквити и гурабии“. Партијата на Али Ахмети се чини дека со гласањето на овие измени и се додворува на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи секојдневните напади и критики се однесуваат кон нивниот коалициски партнер ВЛЕН за кои вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека ако сакаат може и да ја напуштат владината коалиција. Беа искажани зборовите „нека им е со среќа“.

Дел од јавноста смета дека во нашето општество и во нашата политика, има два основни постулати. Професоот по политички науки и аналитичар на состојбите, Башким Селмани во разговор за „Локално“ вели дека првиот е дека политичарите и гласачите зборуваат еден јазик, а кога се работи за партиски интереси, тогаш се зборува друго.

Башким Селмани

-Поинаку се зборува на терен, друго во институциите, а трето се случува во меѓународниот аспект. Во однос на турбуленциите, ако ги слушнете изјавите на господинот Мицкоски како премиер, се согласувам некому да му посакуваш „здравје и среќен пат“…Тие причини ни создаваат многу полемики и самата наука нема како да ги истражува, со оглед дека во еден ден, политичарите можат постојано да ги менуваат ставовите, тврди Селмани.

Што се однесува за поддршката од ДУИ за Законот за локална самоуправа, додава соговорникот, се знае дека општините кај албанскиот дел само 9 или 11% останува на општините и тоа не создава унапредување.

-Би било добро прво тој закон да наметнува некој член или алинеја за да се подобри животот на граѓаните. Во суштина, се прават други работи, оценува професорот.

Според него, сите партии треба да се придвижат кон заедничка цел.

-ВМРО-ДПМНЕ постојано истакнуваше „да ја вратиме Македонија на Македонците“, а јас би додал и „да ги вратиме парите на граѓаните Македонци“. Суштински проблем на Македонија е јавниот долг. Никој не обврнува внимание. Со оглед дека ниту една партија не води сметка за подобрување на сиромаштијата, наместо да се обединуваат околу тоа, ги заморуваат граѓаните со нивните политики, ако земеме во обзир дека се поминати децении…, објаснува аналитичарот.

На прашањето дали Законот за бранителите може да влијае на стабилноста на Владата, Селмани вели дека граѓаните имаат своја меморија и верување кај политичарите.

-И во времето на владеењето на Никола Груевски, цело време се вртеше околу национализам, а потоа знаеме што се случи. И сега ова што се случува и предлог-законот, го одвлекуваат граѓанинот од реалните проблеми бидејќи во Македонија не се проблем членовите на УЧК или бранителите, туку јавниот долг. Еве и ако помине тој закон, како ќе ги обезбедат тие средства за бранителите, кога јавниот долг и државната каса е празна? Од тој момент кога имаме празна каса, секогаш има празна реторика, дециден е универзитетскиот професор.

Од друга страна, аналитичарот Бесим Небиу смета дека јасна е главната цел на политичкото делување на ДУИ – без разлика на реториката и европскиот наратив е по секоја цена да биде на власт.

-Опстанувањето на власт за ДУИ е прашање од егзистенцијална природа, со оглед на клиентелистичката структура која е поврзана со неа, може да се распадне при долг престој на оваа партија во опозицијата. Исто така е јасно дека Законот за бранители кој е пуштен како „тест на издржливост“ на владината коалиција од страна на СДСМ и ДУИ, може да доведе до дестабилизија на владината коалиција, посебно ако истата се изгласа на етнички линии, т.е. само од етничките македонски партии во парлементот, вели во краток разговор за „Локално“.

Од СДСМ обвинија дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ си функционира.

„Пред околу 1 месеци ДПМНЕ и ДУИ исто така со заеднички гласови формираа тело за следење на правична застапеност на заедниците.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со ДУИ и ЗНАМ на седница го заштитија Гаши од одговорност за сите скандали.

Значи наутро Мицкоски вели дека ДУИ ќе ја дестабилизира државата и дека се криминалци а попладне во Собрание неговите пратеници гласаат заеднички дилови со ДУИ. Договарања под маса, манипулации и лажните јавни конфликти меѓу двете партии се методи кои се видени во минатото и веќе не поминуваат“, порачаа меѓу другото од партијата на Венко Филипче за измените на Законот за локална самоуправа.

Премиерот Мицкоски не сака да прогнозира кога Законот за бранители ќе дојде на дневен ред во Собранието, но потенцира дека кога ќе дојде, ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Шефот на владата дециден-не работам под закани и уцени, по изјавата на пратеникот Халил Снопче од Вреди дека ќе ја напуштат Владата ако законот биде изгласан. Мицкоски кратко одговори-нека му е со среќа.

Со Предлог-законот за бранителите се допрецизира веќе утврдено право на правичен надоместок за жртвите и за настанатите последици, вели пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, која е предлагач на решението.

Таа уверува дека Предлог-законот не е провокација, ниту обид за дестабилизација на земјата. Според Петровска, собирањето потписи од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е чекор назад и обид да се избегне одговорност.

Затоа што не се свикува Комисијата за труд и социјална политика, ниту од претседателката, ниту од спикерот, Левица ќе му поднесе кривична пријава на Гаши.

Во владиниот партнер ЗНАМ, без двоумење велат дека ќе го поддржат Законот.

Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за труд и социјала бидејќи претседателката Илире Даути од Европскиот фронт не го става на дневен ред и не свикува седница. Вели дека за законот нема да се дискутира ако со него не бидат опфатени и борците на поранешната ОНА.

Н.П.

Слични содржини