Дали Заев ќе биде осуден? Во понеделник пресуда за „Поткуп“

од desk2

Пресудата за предметот „Поткуп“ во кој обвинет е премиерот Зоран Заев ќе биде објавена во понеделник во 12 часот, најави на крајот на денешното рочиште судијата Дарко Тодоровски.


Во Кривичниот суд денеска беа изнесени завршните зборови на обвинителството и на одбраната.

Обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп. Обвинителката за ова кривично дело побара од судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор. Казната, пак, за делото примање поткуп е најмалку пет години затвор.

Бислимовска рече дека од сите изведени докази во главната расправа не произлезе дека обвинетиот Зоран Заев прибавил каква било имотна корист. И сведокот Иван Николов кажал дека не дал пари и дека Заев не примил поткуп. Обвинителката кажа дека Николов не бил јасен, ги менувал ставовите и дал различни изјави пред Јавното обвинителство и во судот.

Зоран Заев, пак, во завршните зборови рече дека е задоволен од можноста на еден фер и законит начин преку судско рочиште да ја докаже својата невиност и поради тоа ќе ја почитува секоја судска одлука.
Неговиот адвокат Филип Медорски, меѓу другото, посочи дека од доказите на обвинителството и од изјавите на сведокот Иван Николов не произлегува дека Заев побарал пари и поради тоа побара обвинетиот да биде ослободен од обвинението.

Говорејќи за улогата на Иван Николов како агент – провокатор , Медарски посочи Европскиот суд за човекови права во многу пресуди констатира дека кога полицијата и обвинителството употребуваат агенти – провокатори во постапки, постои повреда на правото на фер судење на обвинетиот.

Доказната постапка за „Поткуп“ заврши на минатото рочиште со гледање на снимката објавена на Јутјуб. Целосната снимка, пак, поради која Зоран Заев се товари за примање поткуп, беше пуштена на претходните рочишта во судницата без присуство на јавноста. Заев бараше снимката од ПИ-мерките да се пушти јавно, но Апелацискиот суд не го дозволи тоа.

Заев очекува ослободителна пресуда во овој судски процес, бидејќи како што изјави, се работи за монтиран случај со цел да биде спречен да ги објави „прислушуваните разговори“.

Премиерот Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.

Слични содржини