Дали знаете зошто сè уште е задолжителна БСЖ вакцината?

од Elena Daskalova

Вакцината која кај нас е позната како БСЖ, всушност е кратенка од Bacillus Calmette–Guérin и примарно се прима како заштита од туберколоза, а првата доза е препорачливо да се прими непосредно по раѓањето на бебето.

Но, нејзиниот спектар на делување е многу поширок од тоа. Оваа вакцина е задолжителна во земји кои генерално земено се во развој, но и каде популацијата е поизложена на ризик од заболување од туберколоза и лепра. Според ново истражување на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, БСЖ може да има позитивно дејство врз намалувањето на ризикот од Алцхајмерова болест.

Истата се користи и во третман на површински тумори на кожата и на мочниот меур, при што покажала и значајно подобри резултати споредено со цитостатската терапија. Дозата ја одредува онколог. Она што го забележале лекарите од универзитетската клиника во Ерусалим е дека кај пациентите со рак кај кои била применета БСЖ вакцината, покажале и помал прогрес на Алцхајмеровата болест.

Со ова сознание, тие добиле основа истражувањето да се спроведе во повеќе клиники низ светот, за да може да се добие јасна слика за поврзаноста на БСЖ вакцината и намалувањето на ризикот од Алцхајмер, за потоа да се спроведат формални клинички испитувања.

Во повеќе држави ревакцинацијата на одреден временски интервал е задолжителна. Први држави надвор од Европа кои ја примениле БСЖ се Индија и Пакистан. Во некои држави, на пример во Франција, е опционална. Во Еквадор, на пример, не може да се издаде извод од матична книга на родените без потврда за примена БСЖ вакцина. Некаде се вакцинираат само високоризичните групи. Во држави кои се дел од некогашната СССР постои правило за ревакцинирање на одреден број години, доживотно.

Ефектот на БСЖ вакцината трае меѓу 15-20 години. Во високоризичните земји се задолжителни ревакцинации, но во развиените општества колективниот имунитет се гради такашто новите генерации ја примаат и со тоа не ги изложуваат на ризик повозрасните. Инцидентно може да се прими оваа вакцина доколку лицето патува во подрачје кое е со висок ризик на заболувања како туберколоза и лепра.

Слични содржини