Данци го тужат Google кај антимонополскиот регулатор на ЕУ

од Vladimir Zorba

Данската компанија за барање работа преку Интернет, Jobindex, поднесе жалба против Google до антимонополскиот регулатор на Европската унија, тврдејќи дека американската фирма неправедно ја фаворизира сопствената услуга за барање работа.

Оваа жалба би можела да ја поттикне шефицата на Европската унија за заштита на пазарната конкуренција, Маргрете Вестагер, да ја забрза истрагата за споменатиот сервис на Google, три години откако таа услуга на оваа компанија првпат била ставена под лупа на регулаторот.

Оттогаш, ЕУ не презеде никакви конкретни дејствија по ова прашање, пренесе Ројтерс.

Европската комисија и Google не одговорија веднаш на барањата за коментар.

Google, кој Вестагер го казни повеќе од осум милијарди евра во последниве години за различни антиконкурентни практики, претходно соопшти дека работи на промена на услугата во Европа по жалбите на конкурентите кои нудат онлајн услуги за барање работа.

Лансирана во Европа во 2018 година, услугата Google for Jobs предизвика критики во 2019 година од 23 веб-страници за барање работа, кои изјавија дека изгубиле удел на пазарот затоа што американскиот гигант за онлајн пребарување наводно ја користел својата пазарна моќ за да ја фаворизира својата нова услуга.

Jobindex, еден од 23-те што се кренаа против Google пред три години, рече дека Google го свртел кон себе високо конкурентниот дански пазар на труд со антиконкурентни средства.

Основачот и извршен директор на Jobindex, Кааре Даниелсен рече дека неговата компанија ја изградила најголемата база на податоци за работни места во Данска пред Google да влезе во сегментот и изгубила 20 отсто од вкупниот обем на пребарување за краток временски период поради „инфериорната услуга на Google“, што ја става американската фирма на врвот на страницата со резултати од пребарувањето.

Слични содржини