Дебата преку говорница дали прелдожениот Закон за канабис е добар или страшен

од Aleksandar Todeski

Дебатата за законските измени за опојни дроги и психотропни супстанци од Комисијата за здравство се префрли на говорницата во собранискиот прес центар. Пратеникот Владимир Ѓорчев од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека министерот за здравство, Венко Филипче е причината зошто се одложила седницата, додека пак пратеничката од владејачката СДСМ, Јагода Шахпаска рече дека одложувањето се должи на доцнењето на претседателката на Комисијата, која го известила Филипче да не доаѓа бидејќи подоцна има пленарна седница.

„Седницата на Комисијата за здравство не се одржа на барање на мнозинството бидејќи министерот за здравство не се појави на седницата. Факт е дека има огромен отопор во врска со законот за дроги предложен од мнозинството. Овој закон е во функција и во корист на фамилијата Заеви наспроти граѓаните. Апелираме до власта да се повлече овој закон и да немаме ситуација во Македонија каде што државата постепено станува Колумбија на Балканот. Мора Македонија да ја држиме надвор од картелите и нарко босовите“, рече Ѓорчев.

Пратеничката Шахпаска пак, истакна дека седницата била закажа за 12 часот, а на неа биле присутни пратениците од мнозинството, како и дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои не се членови.

„Доцнеше претседателката на Комисијата, која рече дека го известила министерот за здравство, Венко Филипче да не доаѓа затоа што нема да почне седницата. Ние сме присутни цел ден и сме подготвени за продолжение на седницата на која се разгледува Законот за опојни дроги и психотропни супстанци. Би сакала да ги потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ го донесоа законот во 2016 година, а меѓу колегите кои гласаа беше и колегата Влатко Ѓорчев“, рече Шахпаска.

Ѓорчев пак, обвини дека за време на оваа влада Македонија станала држава на мафијата и дека во Скопје имало нарко пресметки.

„Имаме ситуација каде во Шпанија велат дека македонски граѓани, поранешна шарена револуционерка учествувала во шверц на дрога. Не се потребни картели, сомнителни мафијаши од типот на Биг Мајк“, рече пратеникот на опозицијата, по прес конференцијата на Шахпаска, без да коментира тоа што во 2016 година гласал за носење на законот за опојни дроги и психотропни супстанци.

Пратеничката на СДСМ пак, потсети дека законското решение е усогласување со европската регулатива, а се предвидува 20% од добивката да влегува во државниот буџет.

Надвор од говорницата и зад камерите, Владимир Ѓорчев рече дека носењето на овој Закон е опасно бидејќи сувиот цвет од канабис немало да се извезува надвор од земјата, туку дека ќе се нашол на улиците и ќе бил достапен дури и за деца. Тој додаде дека Законот кој го гласал бил носен во други услови и дека е различно времето тогаш и сега.

А.Т.

Слични содржини