Дебатата се враќа во ДУИ, „огнените “ се изборија за повеќе демократија

од Берта Китинска

ДУИ по состанокот со „огнените“ кои го истакнаа незадоволството од работата соопштија дека одлучено е на 15. октомври да има состанок на Централниот одбор на партијата. Централниот одбор ќе одбере ново претседателство кое ќе избере нови органи на партијата (секретаријати, генерален секретар и потпретседатели), кои потоа ќе ја евалуираат работата на министрите во владата.

-Имавме разговор со долгогодишнте соработници, со нив сум поминал во многу битни процеси, во многу успеси. Разговаравме и во суштина дебатата се враќа внатре во партијата. На 15 октомври ќе има Централно собрание каде ќе се разговара за политичката ситуација, но и ќе се избере новото претседателство и веднаш истиот ден новото претседателство ќе се врати во седиштот на ДУИ каде што ќе меѓу другото ќе се разговара за политичката ситуација и ќе има отчет од владиниот состав на ДУИ, изјави Ахмети на прес-конференцијата придружуван од Муса Џафери, Блерим Беџети, Изет Меџити, Садула Дураку и Невзат Бејта.

На новинарско прашање дали е „изгаснат огнот“ на т.н. огнена група, Ахмети рече дека „немало оган“ и ќе продолжи партиската дебата.

-Врз основа на анализата ќе продолжиме понатаму со дебатите. Нема оган, нема пламен, карактеристика на ДУИ е никогаш немало напори да се изгасне различното размислување, да се истисне или да се војува против различно размислување, напротив со почитување на тоа сме дошле до вистинските одлуки. Значи нема оган, и нема да има, изјави Ахмети.

„Огнената група“ се избори за малку повеќе демократија во ДУИ

Поранешниот министер за здравство Имер Селмани, кој последниве години настапува во јавност како политички аналитичар, вечерва ги коментираше последните случувања во Демократската унија за интеграција (ДУИ) и превирањата во владејачката партија, предизвикани од таканаречената „огнена група“ од незадоволни членови.

По десетина дена препукувања преку медиумите, но и средби со лидерот Али Ахмети на „огнените“ кои бараат да си оди вицепремиерот Артан Груби и други актуелни функционери, денеска тие се обидоа да демонстрираат единство и заедно со Ахмети соопштија дека се договориле да се организираат избори за ново партиско претседателство.

Селмани смета дека епилогот од денешната средба во Мала Речица е тоа што ќе се отвори малку поголема дебата и ќе се воведе малку повеќе демократија во редовите на партијата, што беше и едно од барањата на незадоволните членови и поранешни функционери-ветерани од ДУИ.

„Адресирано беше кон Ахмети, бидејќи факт е дека ДУИ веќе неколку години функционира со половични тела. Се најде решение со него и решението по сѐ изгледа било во рацете на Ахмети. Мислам дека допрва на нив им претстои „огнена“ дебата во редовите откако ќе се формираат телата, дали испорачале соодветни резултати, како што ветувале во предизборието. Факт дека ДУИ изгуби во Тетово и Гостивар, а за тоа јавно никогаш не дебатирале. Останува само Скопје и со вакво незадоволство од страна на ограноците во Чаир и Сарај, ДУИ ризикува да го изгуби. Сето тоа не го гледам од призма на тој што добива внатре. Добро е да се дебатира внатре во партијата, со тоа ќе има поголема дебата и во јавноста. Тоа е добро и за јавноста и граѓаните. Не е добро кога сите аплаудираат на лидерот“, рече Селмани во гостувањето во емисијата „24 отворено“.

Слични содржини