Деинституционализација – нема веќе деца под 18 години сместени во гломазни институции

од Vladimir Zorba

Деинституционализацијата на лицата и децата сместени во гломазни институции е еден од процесите што ја обележаа работата на Министерството за труд и социјална политика и изминатата година. Заложбите на ова Министерство се што е можно повеќе лица да бидат извлечени од институциите во што поскоро време. Досегашното искуство покажа дека овој процес е можен.

Деинституционализацијата треба да овозможи премин од систем за социјална грижа заснован на големи, „сиви“, безлични и сегрегирачки институции кон систем на социјални услуги во заедницата – онаму каде што човекот живее. Процесот треба да овозможи секој граѓанин да добие услови за достоинствен живот, да му се даде можност да се интегрира во заедницата, а на секое дете да му се овозможи еднаков почеток.

Од јануари 2017 година, кога имало вкупно 180 деца сместени во институции за социјална заштита, до крајот на минатата година Министерството за труд и социјална политика успеа да ги извади сите. Оттаму посочуваат дека една година пред зададениот рок преку процесот на деинституционализација сите деца се извадени од гломазните институции и се згрижени во мали групни домови или згрижувачки семејства.

На почетокот од 2017 година, во резиденцијалните институции (институции што обезбедуваат долгорочно сместување на корисниците) беа сместени околу 482 лица. Од нив 319 деца и лица со физичка и интелектуална попреченост и 163 деца без родители и родителска грижа, со социјални тешкотии и во судир со законот.

Целосно се трансформирани Домот за деца без родители и родителска грижа „11 Октомври“, Домот за новороденчиња во Битола и ЈУ Завод за згрижување, воспитание и образование на деца и младинци „Ранка Милановиќ“ – Скопје, а извлечени се и сите деца до 18-годишна возраст од Демир Капија.

– Системот за згрижување деца, но и лица со попречености полека се менува. Државата повеќе години прави напори за негова промена, а во изминатите две години можат да се видат резултати во процесот на деинституционализација. Процесот треба да продолжи и натаму, затоа што едно општество ако ги остава ранливите зад себе, не може да биде хумано, вели министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Таа потенцира дека има разлика помеѓу тоа како државата порано се грижела за овие деца и лица, и како се прави тоа сега.

– Со посета на некои од старите објекти што беа институции за сместување деца, дали без родители или со воспитно социјални проблеми, со одредени судски мерки, но и со посета на мали групни домови може да се види разликата меѓу начинот на кој државата порано се грижеше за овие деца, кои се наши, на системот, и како сега ја нуди оваа грижа. Ова е долгорочен процес, кој не застанува денеска, ниту почна вчера. Со години оваа држава се обидуваше да направи промена на системот за грижа за деца и лица со специфичности, да нема повеќе институции, но во овие две години интензивно се чувствуваат резултати во оваа област. Овој процес треба да продолжи со ист интензитет и иста енергија понатаму, затоа што целиот систем треба да се трансформира оваа грижа да стане одржлива, со цел децата да го добиваат најдоброто, рече Царовска.

Според неа, едно општество може да каже дека е хумано и солидарно само ако покаже соодветна грижа за најранливите. Ако нив ги остави зад себе, додаде, тоа значи дека тоа општество не е хумано.

Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, вели дека деинституционализацијата е веќе меѓународна практика, пред сè поради фактот дека, како што рече, научно е докажано оти институциите не се добри за децата, за луѓето, за развојот на мозокот и за развој на приврзаност, емоции и нешта што нè прават одговорни и фер возрасни лица.

– Северна Македонија одржува чекор, ако не е и неколку чекори напред со тоа што се ослободува од институциите и воспоставување похуман и научно докажано покоректен и исправен начин за грижа за децата. Можевме да видиме каде овие деца порано живееле и оти тоа не е место на кое треба да се одгледува кое било дете. Искрено, ако јас не можам да го одгледувам на такво место моето дете, ниту едно не би требало тука да биде одгледувано, рече таа.

Пораката што како УНИЦЕФ сакаме да ја пратиме, потенцира таа, е дека треба да формираме систем во кој сите граѓани ќе имаат еднаква шанса да го искористат својот целосен потенцијал.

Во изминатиот период беше донесен и нов Закон за социјална заштита, кој предвидува воспоставување достапни социјални услуги во заедницата за различни категории граѓани кои имаат потреба од грижа и поддршка. Се предвидува да се вклучат различни даватели на услуги (граѓански организации, правни и физички лица), кои ќе бидат лиценцирани и финансирани од страна на државата.

Развивањето социјални услуги на локално ниво е еден од клучните предизвици за успешна деинституционализација. Се формираат капацитети за прифаќање и згрижување на лицата сместени во институциите, како мали групни домови или да се воспостават служби за живеење со поддршка во заедницата. Од друга страна, потребни се многу други социјални услуги од превентивен карактер, такви што го јакнат капацитетот на поединецот и неговото семејство активно да живее во сопствената заедница, едноставно да нема потреба од сместување надвор од својот дом.

Државата работи на пропишување на услугите и стандардите што давателите на услугите ќе мора да ги исполнат и квалитетот на услугата што ќе мора да го обезбедат, при што квалитетот на живеење на корисникот и неговото задоволство ќе бидат во прв план. Државата, исто така, ќе обезбеди мониторинг и контрола врз квалитетот на услугите. Достапноста на услугите во голема мера ќе зависи од капацитетот на потенцијалните даватели на таквите услуги.

Во рамките на овој процес се основани 22 нови групни домови во Скопје, Штип, Неготино, село Тимјаник и село Корешница, а нововработени и обучени се преку 50 стручни работници и негуватели. Зајакната е социјалната услуга згрижувачки семејства, така што кон крајот на 2019 година во земјава има 206 згрижувачки семејства кои згрижуваат 387 корисници. Започната е трансформацијата на сите шест резиденцијални објекти за социјална заштита кои, користејќи ги постојните ресурси и објекти, ќе нудат нови социјални услуги.

Од Министерството посочуваат дека во иднина ќе продолжи интензивната преселба на корисниците од институциите во заедницата, трансформацијата на резиденцијалните институции, јакнење на капацитетите на националните и локалните институции и други учесници во давањето социјални услуги.

Слични содржини