Декларацијата за Гоце Делчев: Oбединување или продлабочување на поделбите?

од Берта Китинска

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ упати повик до сите парламентарни и вонпарламентарни партии да ја поддржат декларацијата за Гоце Делчев и таа да биде праг кој нема да може да се пречекори во преговорите со Бугарија.

Oд партијата на Христијан Мицкоски го повикуваат СДСМ, „да се вразумат и сериозно да ја прочитаат Декларацијата”.

– СДСМ треба да каже дали за нив е спорно во училиштата да се спроведат активности со кои учениците ќе се запознаат уште повеќе со ликот и делото на Гоце Делчев или тоа што се повикува Институтот за национална историја и МАНУ да организираат научни собири или, пак, повикот до медиумите со пригодни содржини да го одбележат јубилејот од 150 години од раѓањето на Гоце Делчев? За жал, не само што не се обедини, туку и го дели народот по оваа тема, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Според владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ со Декларацијата за Делчев сака да нанесе штета на ликот и делото на великанот.

-Декларацијата е нивно политичко подметнување со цел да се продлабочат поделбите меѓу граѓаните. Ваквото политичко понижување на делото на Делчев и штета на грбот на националниот интерес покажува дека нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за цел градење политички кариери преку одржување на спорот помеѓу двете земји, сметаат од СДСМ.

И владините партнери се согласни со ставот дека сведувањето на ликот и делото на Делчев на ниво на Декларација е непочитување кон овој македонски револуционер .

-Нема да ја гласам Декларацијата за Гоце Делчев. Сметам дека сведување на ликот и делото на Гоце Делчев на ниво на декларација е непочитување кон овој македонски револуционер, идеолог и визионер, вели во изјава за „Локално“, лидерката на ДОМ, Маја Морачанин.

Пратеничката вели дека се уште не и е доставен текстот на декларацијата и затоа не би можела да коментира за тоа како евентуалното нејзиното усвојување во Собранието би се одразило врз натамошните преговори со Бугарија.

-Гоце Делчев е една од најважните македонски историски личности, присутен во македонската колективна меморија и национална свест, како и во нашето фолклорно и уметничко творештво, што далеку го надминува значењето на декларација која би се усвоила во Собранието.Се уште не ми е доставен текстот на декларацијата и затоа не би можела да коментирам како евентуалното нејзино усвојување во Собранието би се одразило врз натамошните преговори, вели Морачанин.

Во врска со предлозите на европратеникот Илхан Ќучук, дека во преговорите треба да бидат вклучени и опозициите во двете земји според лидерката на ДОМ тоа би било позитивен придонес во преговорите.

-Вклучувањето на опозицијата од двете држави во работните групи за соработка, со волја за конструктивен пристап, би имало позитивен придонес во преговорите. Тоа е значајно не толку од аспект на споделување на товарот со власта, туку ќе ја зголеми довербата во процесот и исходот од преговорите кај граѓаните во двете држави, што секако позитивно ќе се одрази и на градењето пријателство и добрососедство помеѓу двете држави, објаснува Морачанин.

Лидерот на ЛДП, Горан Милевски вели дека ставот на неговата партија во врска со предложените црвени линии од страна на опозициската партија ќе бидат усогласени со коалиционите партнери.

-Во врска со декларацијата предложена од ВМРО ДПМНЕ партијата ќе има усогласен став со нашите владини коалициони партнери, вели Милевски за „Локално“.

И првиот човек на Либерланта партија смета опозицијата треба да вклучена процесот со преговорите со источниот сосед.

-Во работата на секторските групи и општо во преговорите со Бугарија свој импулс и конструктивен приод треба да дадат и опозиционите партии. Овие прашања се од национален интерес и вклучувањето на целокупниот државен потенцијал е од исклучително значење за да се дојде до решение зад кое ќе има национален консензус, вели Милевски.

Б.М.

Слични содржини