Дел од наставниците немаат компјутери, Царовска бара секој да се справува на конструктивен начин

од Nikola Popovski

Освен учениците, компјутери за онлајн настава немаат ниту наставниците. За овој проблем се пожалиле над 500 наставници ширум земјава. Дел од нив, реагирале и дека компјутерите им се зафатени, бидејќи, на нив учеле нивните деца.

Од независниот синдикат за образование и наука се револтирани што државата изминативе седум месеци наместо да се подготви навреме за учебната година, побитни беа изборите и политиката и сега велат проблемите испливуваат на површина, а образованието е во хаос.

„Ние знаеме дека во овој период треба повеќе да се посветиме но истовремено мора и министерството за образование да вложи повеќе посветеност, да биде професионално и навреме да ги известува наставниците и да се почитуваат законите. Ако во законот јасно е напишано дека фондот на часови на неделна основа на наставникот е од 20 до 30 часа не може и незаконски е да се бара од наставникот да држи две смени по 20 часа а со тоа да има 40 часа“, вели Томислав Гиевски од Независниот синдикат за образование и наука.

Министерката за образование пак бара од наставниците да се солидаризираат, а од родителите и учениците побара да не ја бојкотираат наставата.

„Секој од нас треба да се справува на конструктивен начин. Епидемиолошките служби и комисиите не решаваат дали некое училиште ќе се отвори или нема да се отвори затоа што сакаат, туку основа на аргументација затоа што сметаат дека постои ризик за нарушување на здравјето на целото население“ појасни министерката.

Како што истакна таа, ако епидемиолошката состојба се менува на позитивно, тогаш нема да има некој што ќе застане против отворање на училиштата со цел да се организира настава со физичко присуство.

„Ако состојбата е ваква или полоша, тогаш ќе размислуваме за други прашања коишто ни се важни се со цел да го заштитиме јавното здравје, притоа да обезбедиме континуитет на наставата на начин којшто е безбеден во тој момент“, додаде Царовска.

Слични содржини