Демант од ИРЛ за „Белешков Инжeнеринг“: Клевета и лага е дека сме биле осудени за лажна и клеветничка емисија

од Vladimir Zorba
535 прегледи

ИРЛ ги демантира наводите на адвокатот Бенита Белешкова која од компанијата „Белешков Инженеринг“ од Крива Паланка ДООЕЛ и од бизнисменот Предраг Велиновски – Белешка во кои што тие тврдат дека емисијата на ИРЛ Оградена иднина била лажна и невистинита.

ИРЛ демантира дека одговорниот уредник Сашка Цветковска била осудена по било кој основ од страна на судот за сторена клевета и навреда против „Белешков Инженеринг“, што може да се види и од самата пресуда во прилог.

„Адвокатката Бенита Белешкова лажно ги пренела фактите од пресудата. Имено, Белешкови бараа судот да ги осуди ИРЛ и одговорниот уредник Сашка Цветковска за следниве наводни клевети кои што се извадоци до напишаниот текст на ИРЛ. Тужбеното барање во судската пресуда е одбиено по овие основи:

„Aлчност и трговија на влијанија на грбот и на сметка на Крива Паланка” (Оваа реченица ИРЛ ја користи за да ги објасни ефектите од ваквиот тип набавки);

„Ќарот оди кон мала клика на луѓе добро поврзани со центрите на моќ од оваа или онаа страна”;

„Спорен тендер, за луксузна ограда во едно мало и сиромашно село, тоа значи дека не можеле да конкурираат сите туку само оние кои ги кани општината”;

„На четвртата страна стои старата ограда која наводно претставувала опасност за безбедноста“;

„Внукот на газдата работи во општината како советник за просторно и урбанистичко планирање“;

„Белешков е миленикот на сите влади и сите администрации“;

„Тој постојано ги реновира паланечките училишта и постојано и постојано има потреба од нови реновирања. Белешков многу сака да реновира, а сите власти тоа му го овозможуваат“;

„Скапи училишни тоалети кои чинат 80.000 евра, општински згради кои се распаѓаат после само три години, фирмата Белешков оградата во Жедилово си ја градел без воопшто да побара градежна дозвола”;

„Продолжува да профитира на сметка на промашени проекти и нетранспарентни постапки. Тој е најголемиот корисник на тендери во времето на ВМРО-ДПМНЕ, бил и нивни донатор, а сега работи со новата власт”;

 Извадок од пресудата Извадок од пресудата

Тужбено барање кое е прифатено

Набавката се направила без оглас (Во написот на ИРЛ стои дека набавката е направена без оглас, со поедноставена постапка со прибирање понуди, додека во реалноста набавката била направена со оглас со поедноставена постапка. Делот во којшто ИРЛ тврди дека тендерот немал конкуренција, а којшто Белешков го нашол исто така за спорен, Судот му го одбил како неосновано).

Граѓанскиот суд поради ова ценеше дека нема зошто да им се пресудуваат бараните штети на тужителите и во најобемниот дел целосно ги отфрли нивните барања за досудување клевета.

Компанијата „Белешков Инженеринг“ е моќна компанијата во малата Крива Паланка и за време на нашиот престој во градот ИРЛ работеше под притисоци од страна на лица поврзани со тамошната власт и пријателите на Предраг Веселиновски. Нашите извори бараа да се гледаме ноќе во летни кујни и подруми затоа што се плашеа од одмазда.

ИРЛ е под постојан напад, закани, притисоци и црни пиар кампањи на корумпираните личности кои што ги истражуваме и за кои што пишуваме.

Воедно, со оваа реакција упатуваме и јавно барање за извинување од адвокатката Бенита Белешкова, од компанијата „Белешков Инженеринг“ и од Предраг Велиновски бидејќи во јавноста лажно, селективно и клеветнички ја претставуваат фактичката состојба. Истото барање го упатуваме и до медиумите кои тврдат дека ние сме обвинети иако станува збор за граѓанска постапка по тужба, а не по предлог на јавен обвинител и дека во граѓанската постапка, помеѓу другото, таквите медиумите, исто како Белешкова, ќе треба да докажуваат на кој начин ние сме биле обвинети и на кој начин сме дистрибуирале лажни и клевентички содржини“, стои во демантот на ИРЛ.

 

Слични содржини