Демократски сојуз ги претстави приоритетите за развој на општините

од Nikola Popovski

Партијата Демократски сојуз денес на прес-конференција ги презентираше приоритетите за развој на општините. Претседателот Павле Трајанов, во пресрет на локалните избори ги повикува граѓаните, експертите, невладините организации и медиумите со свои забелешки, сугестии, идеи, но и конкретни проекти, да се вклучат во нивна разработка и проширување.

– Заштита на стратешките државни и национални интереси, а пред сѐ, интересите на граѓаните на централно и локално ниво.

Заштита на основните човекови права и слободи и залагање за поквалитетен и подобар живот на сите граѓани.

Натамошна децентрализација на власта, пренесување надлежности на општините, нивно финансиско зајакнување и осамостојување, како главни предуслови за економски развој.

Во функција на нивна реализација, Демократскиот сојуз предлага:-Во рок од шест месеци да се донесат генерални и детални урбанистички планови на цела територија на државата, со кои ќе се предвидат повеќе локации за градба согласно потребите на граѓаните, но и согласно урбанистичките, еколошките и безбедносните стандарди. Социјално загрозените семејства да бидат ослободени од плаќање комунална такса.

Создавање услови за развој на приватни бизниси, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на земјоделството, развој на обновливи извори на енергија и гасификација.

Обезбедување квалитетна здравствена заштита за сите, а особено за лицата кои живеат во руралните средини, чиста вода за пиење и решавање на комуналните и инфраструктурните потреби на граѓаните.

Робусна борба против урбаната и комуналната мафија која остварува огромни профити од  нелегално складирање опасен отпад, како и бескомпромисна борба против загадувачите на воздухот.

Чиста животна средина, здрав воздух и здрава храна, достапност на лекови за сите социјални категории граѓани, поголема грижа за повозрасните, за лицата со посебни потреби и социјалните случаи.

Конкретни решенија за намалување на сообраќајниот метеж во урбаните средини, преку изградба на паркинзи, катни гаражи, надвозници и клучки на крстосниците, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, давање субвенции за автомобили на електричен погон, зголемување на зелените површини и конкретни планови за намалување на ризиците од елементарни непогоди и природни или вештачки несреќи или кризи.

Поефикасно справување со последиците од пандемијата и негативните импликации врз економијата, стандардот на граѓаните и финансиска поддршка на компаниите кои трпат последици од пандемијата.

Формирање урбана полиција која, меѓу другото, ќе спречува дивоградби, загадување, вандализација на парковите и игралиштата и сл.

Намалување на бројот на советници во поголемите општини. Рационализација на општинската администрација, намалување на бројот на административните работници во локалните јавни претпријатија, за сметка на финансиска поддршка на занаетчии и професионалци во овие претпријатија и комуналните служби.

Поголема вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки на општинско ниво, преку организирање задолжителни референдуми за сите поважни прашања што го засегаат менувањето на урбаниот лик на градовите и општините, ја загрозуваат животната средина и еколошката рамнотежа и секојдневното живеење на граѓаните.

Демократскиот сојуз ќе обезбеди целосна транспарентност на приходите и расходите на општината, при што јавните набавки ќе ги контролира граѓанско тело составено од претставници на невладиниот сектор, медиумите и професионалци/експерти од различни области.

Демократскиот сојуз ќе соработува со европските демократски партии и партиите од центарот, при што врвен приоритет ќе биде полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Човекот и неговите права и потреби се во центарот на сите активности на Демократскиот сојуз, велат од партијата.

Слични содржини