Дендијас во Скопје – спроведувањето на Преспанскиот договор под лупа

од Берта Китинска

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас доаѓа во официјална посета на Република Северна Македонија. Негов домаќин ќе биде министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Првенствено тој ќе биде примен од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а ќе оствари средби и со претставници на македонскиот државен врв.

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи е во значаен период кога околностите на регионот и глобалните кризи налагаат заедничко координирање и дејствување меѓу двете соседните земји, со што се потврдува и унапредува нашето стратешко партнерство, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи.

Предвидено е министрите да дискутираат за билатералните односи, во тој контекст напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, како и во случувањата пошироко во светот, со посебен осврт на најновите ангажмани во борбата за справување со пандемијата и состојбите во Авганистан.

Во делот на билатералната соработка, фокусот се очекува да биде ставен на интензивната динамика во средбите на највисоко ниво, унапредувањето на билатералната соработка и договорната состојба, кое уследи по потпишувањето на договорот од Преспа. Ќе се разговара и за спроведените активности согласно договорот,  како од страна на Северна Македонија така и од страна на Грција.

Посетата на грчкиот министер за надворешни работи, доаѓа во пресрет на одржувањето на вонредниот Самит кој треба да се одржи  во втората половина на октомври, за време на словенечкото претседателство со ЕУ. Според неодамнешните најави се планира тој да биде посветен на Западен Балкан, односно на проширување на Унијата со земјите од регионот.

Премиерот Зоран Заев и на Европски форум Алпбах, рече дека ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија и што поскоро треба да ги започне преговорите за членство.

-Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан рече Заев.

Шефот на грчката дипломатија  Никос Дендијас, освен што ќе се сретне со својот македонски колега, Бујар Османи, ќе оствари средба и со спикерот на македонскиот парламент Талат Џафери.

Слични содржини