Денес ќе биде откупено грозјето на сите лозари кои вчера не можеа да го предадат

од Nikola Popovski

Пратеничката Даниела Колева информираше дека денес ќе биде откупено грозјето на сите лозари кои вчера не можеа да го предадат.

-Почитувани, проблемот кој настана вчера пред ВВ Тиквеш е решен, со тоа што сите лозари кои вчера не можеа да го предадат грозјето, денес ќе биде откупено. Во наредните два дена ВВ Тиквеш нема да врши откуп, потоа ќе продолжи, согласно склучените договори помеѓу винаријата и лозаропроизводителите. Ќе останеме во постојан контакт и со лозарите и со винариите, стои во објавата на пратеничката.

„Локално“ од свои извори денес објави дека во обид да се стекне политички поени, вчера се договорени шест трактори со грозје да одат пред откупниот центар на „Тиквеш“ во Кавадарци и да бараат да им се откупи грозјето за кое претходно не доставиле примерок.

Откако контролорите на квалитет од Тиквеш побарале од шесте инструирани лозари да го достават истото грозје кое пријавиле како примерок, овој момент се користи како тригер и активира партиски активисти кои вчера вечер истурале грозје пред Тиквеш поради наводен револт.

Винарската визба „Тиквеш“ останува децидна во својата определба дека нема да прави никаков компромис со квалитетот на грозјето што го откупува, затоа што од тоа зависи квалитетот на вината што ги произведува кој секогаш мора да биде врвен.

Инаку, „Тиквеш“ е единствената македонска винарница која започна со потпишување на договорите со откуп уште на почетокот на јули, со што до официјалниот почеток на откупот беа склучени над 2100 договори со лозарите, во кои беа дефинирани условите и стандардите за квалитет кои треба да се исполнат. При тоа, „Тиквеш“ оваа година нуди највисоки цени за грозјето и се обврза на најголем откуп досега.

Слични содржини