На денешен ден   7 јуни 285289

1494.- Колонијалните сили на Португалија и на Шпанија во Тордесиљас го потпишаа Договорот за поделба на новооткриените земји, според кој териториите источно од 50-иот степен географска должина и припаѓаат на Португалија, а западно од линијата на Шпанија. Границата ја повлече иницијаторот на Договорот папата Александар Шестти за да ги спречи судирите на колонијалните сили во Новиот свет. Младите колонијални сили Англија (од почетокот на 18. век Обединето Кралство), Холандија, Франција и другите оваа поделба не ја почитуваа.

1502.- Роден е италијанскиот римокатолички свештеник Уго Боункомпањо, папата Гргур Тринаесетти од 1672 до 1585 година. Според советот на астрономите во 1582 година го реформира календарот, наречен Грегоријански, бидејќи стариот каледнар – Јулијанскиот премногу астрономски отстапувал од вистинската состојба. Грегоријанскиот календар во прво време го прифатија само католичките земји, а многу подоцна и протестантските, а дури по Првата светска војна и православните земји. Некои од православните цркви и денеска го користат Јулијанскиот календар.

1523.- По победата над Данците, Густав Вас е прогласен за крал на Шведска под името Густав Први.

1848.- Во Санкт Петербург умре Висарион Григориевич Белински, руски литературен критичар, филозоф и публицист. Основач е на руската реалистичка естетика и на литературната критика. Познати се неговите прикази за делата на Пушкин, на Лермонтов и на Гогољ. Тој го формира новиот правец во руската литература наречен „натурална школа“. Роден е во Свеаборг, Финска, на 13 јуни 1811 година.

1848.– Во Париз е роден Пол Гоген, француски сликар. Тој се инспирираше од егзотичен свет на островите Тахити и Фати – Ива. Формите на неговите слики се мирни и монументални, проткаени со еротика. Влијаеше врз развојот на експресионизмот и на формирањето на фовизмот, а се занимаваше и со скулптура. Умре на Маркишките Острови, во 1903 година.

1862.- САД и Велика Британија го потпишаа договорот за сузбивање на трговијата со робови.

1867.- Роден е австралискиот писател Хенри Арчибалд Ларсен, познат како Хенри Арчибалд Лосон, врвен сликар на австралискиот колорит. Дела: „Кратки приказни во проза и стихови“, „Кога бев крал и други приказни“, „Ѕвездата Австралија“, „Земјата од каде што дојдов“.

1896.- Роден е унгарскиот државник Имре Наѓ, шеф на владата од 1953 до октомври 1956 година, кога во Унгарија изби антикомунистичката буна.

1905.- Норвешкото Собрание донесе одлука за отцепување на Норвешка од Шведска.

1917.- Роден е американскиот филмски актер, пејач и забавувач Дино Пол Крочети, познат како Дин Мартин, кој во почеток славата ја стекна во тандем со комичарот Џери Луис со кого сними 18 филмови. Играше и во многу вестерни и криминалистички филмови. Филмови: „Артисти и модели“, „Холивуд или пропаст“, „Рио Браво“, „Четворица за Тексас“.

1928.- Роден е американскиот филмски режисер Џејмс Ајвори, кој во поголемиот дел од кариерата снимаше во Индија. Филмови: „Шекспир-Валах“, „Гуру“, „Диви“, „Квартет“, „Жештина и прашина“.

1935.– Умре Иван Владимирович Мичурин, советски биолог, генетичар. Се занимаваше со подобрување на сортите на овошките во централна и во северна Русија, како и со создавање нови сорти. Работеше наз вкрстувањето меѓу видовите и родовите, притоа користејќи ја и вегетативната хибридизација (калемењето), добиваше семе и со вештачко запрашување, при што забележа дека тоа семе е поотпорно. Роден е во Долгоево, на 15 октомври 1855 година.

1939.- Кралот Џорџ Шести стана првиот британски монарх кој стапна на тлото на САД, поранешна колонија на Обединетото Кралство.

1942.- Започна германскиот напад на Севастопол.

1942.- Заврши четиридневната битка за пацифичкиот остров Мидвеј, во која Американците им нанесоа сериозен пораз на Јапонците во Втората светска војна.

1943.- Кај селото Никодин, Прилепско, во борба против бугарската војска, откако беше ранет, се самоуби Блажо Тодоровски – Чичето, народен херој на СФР Југославија, од Македонија.

1945.– Со решение на Министерството за народна просвета на Демократска Федеративна Македонија е озаконет Правописот на македонскиот јазик, чиј дефинитивен текст беше усвоен пет дена порано. Утврдувањето и озаконувањето на Македонскиот правопис преставуваше израз на континуираната борба на македонскиот народ за свој литературен јазик и правопис, кој во понатамошните години се надградуваше со нови содржини.

1948.- Претседателот на Чехословачка Едуард Бенеш поднесе оставка не сакајќи да го потпише новиот устав со кој земјата стана комунистичка држава.

1967.- На третиот ден од израелско-арапската војна израелските сили излегоа на Суетскиот канал.

1970.- Умре англискиот писател Едвард Морган Фостер, познат набљудувач и аналитичар. Дела: романите „Едно патување во Индија“, „Најдолго патување“, приказните „Небески омнибус“, „Вечен момент“.

1971.– Советскиот вселенски брод „Сојуз II“ во орбитата околу Земјата се спои со вселенската станица „Салјут“.

1973.- Канцеларот на Западна Германија Вили Брант допатува во Израел, како прв западногермански лидер кој ја посети оваа еврејска земја.

1980.- Умре американскиот писател Хенри Милер, кој се бавеше и со сликарство. Дела: романите: „Црна пролет“, „Мирни денови во Клишиј“, „Недела после војна“, „Книги за мојот живот“.

1990.- Претставничкиот дом на американскиот Парламент изгласа забрана за продажба на сметачи и телекомуникациска опрема во Советскиот Сојуз се додека Москва не ги започне преговорите за независност на Литванија.

1991.– Со одлуката на Собранието на Социјалистичка Република Македонија, одредницата „Социјалистичка“ од името на СР Македонија е изоставена и Републиката го носи називот Република Македонија.

1993.- На автопатот меѓу Нирнберг и Минхен, Германија, во сообраќајна несреќа загина Дражен Петровиќ, југословенски и хрватски кошаркар, еден од најдобрите аматери во светот, подоцна професионалец во САД. Роден е во 1964 година.

2006.- Убиен е лидерот на Ал Каида во Ирак Абу Мусаб ел Заркави во заедничката акција на американската и ирачката војска во Бакуби, северно од Багдад. Ал Заркави беше лидер на групата „Тавид ел џихад“ (Верско обединување и света војна), огранок на Ал Каида. Неговата глава беше проценета на 25 милиони долари

2013.- На возраст од 84 години почина поранешниот француски премиер Пјер Моруа, кој беше прв шеф на социјалистичка влада по Петтата француска република, од 1981 до 1984 година. Пјер Моруа беше на болничко лекување од почетокот на месецот, откако минатата година беше опериран од тумор на белите дробови.

Избор МИА

Слични содржини