Денови на македонската култура од 23 до 31 мај во Белград

од Nikola Popovski

Деновите на македонската култура во Белград, најзначајната манифестација на македонската заедница во Србија, во организација на здружението Македониум од Белград, годинава ќе се одржат од 23 до 31 мај, по повод сесловенските просветители Кирил и Методиј, соопштило денеска здружението.

На отворањето на манифестацијата на 23 мај во 19 часот во Педагошкиот музеј ќе биде одржан концерт на дуото „Етно лирика“ во состав сопранот Јелена Алексиќ и пијанистката Магдица Манасиева. Нивниот репертоар вклучува традиционални македонски песни во уникатен аранжман и спој на класична музика, џез и фолклор.

Настанот ќе го отвори претседателот на Македонскиот национален совет во Србија, Борче Величковски.

Во рамките на Деновите на македонската култура е планирано преку изложби, концерти, промоции на книги и филмски проекции.

Програмата се затвора на 31 мај во Театарот 78 со претставата „Разведи ме“ на скопскиот театар „Провокација“.

-Со манифестацијата „Денови на македонската култура во Белград“, од година во година ги посочуваме пријателските и нераскинливи врски меѓу двете земји. Главната цел е оваа манифестација да биде мост меѓу нашите две татковини, односно да ги обезбедиме културните содржини на татковината од која доаѓаме во онаа во која живееме, велат организаторите.

Партнери во реализацијата на настанот се Музејот на град Белград, Педагошкиот музеј и театар 78, а традиционално е поддржан и финансиран од Министерството за култура и информирање на Владата на Србија, Националниот совет на Македонскиот народен Малцинство и компаниите Алкалоид и Фудекс.

Слични содржини