Десет членови на едно семејство убиени во израелско бомбардирање на Газа

од Vladimir Zorba

Израелскиот удар на западниот дел на појасот Газа утрово уби 10 членови на едно семејство, претежно деца, соопштија од палестинската итна помош.

Како што е наведено, осум деца и две жени починаа во трикатна зграда во бегалскиот камп Ал Шати, пренесе АФП.

Асошиејтед Прес проценува дека тоа е најсмртоносниот единствен удар од понеделникот вечерта, кога започнаа последните судири меѓу израелската армија и екстремистичкиот Хамас на власт во Газа.

Саид Алгул, кој живее во близина, рече дека израелските борбени авиони ја бомбардирале куќата со најмалку три бомби, без претходно да ги предупредат станарите.

Спасувачите користеле булдожер за да ги отстранат урнатините во потрага по преживеани.

Набргу потоа, Хамас истрела ракети кон јужен Израел како одговор на воздушниот напад.

Двете страни настојуваат да стекнат предност додека ги засилуваат напорите за постигнување на примирје.

Најмалку 126 лица се убиени во појасот Газа од тогаш, од кои 31 дете и 20 жени, а 950 се повредени.

Девет лица беа убиени во Израел, меѓу кои и шестгодишно момче.

Повеќе од 2.000 ракети беа истрелани на израелска територија и повеќе од 560 лица беа ранети.

Израелската армија објави дека синоќа извршила пет удари врз појасот Газа.

Во военото соопштение се вели дека една од целите е седиштето на командантот на безбедносните сили на Хамас, Тафик Абу Наим, како и неколку локации од каде се истрелуваат ракети на северот и југот и зградите на воените разузнавачи на Хамас.

Слични содржини