Десет милиони долари за информации за руско мешање во изборите во САД во 2016 година

од Stefanija Kuzmanovska

Американскиот Стејт департмент понуди награда од 10 милиони долари за информации за наводното руско мешање во претседателските избори во САД во 2016 година.

„Стејт департментот бара информации за Агенцијата Internet Research Agency LLC (IRA), Евгениј Викторович Пригожин и сродните руски субјекти и соработници за нивното мешање во американските избори“, соопшти Стејт департментот.

САД веќе воведоа санкции за поединци и ентитети поврзани со лидерот и финансиерот на IRA. Станува збор за компанија со седиште во Санкт Петербург за која американските официјални лица велат дека била клучна во напорите на Русија да се меша во претседателските избори во 2016. Стејт департментот додаде дека Пригожин е руски државјанин кој ја финансирал IRA и дека агенцијата почнала да работи во американскиот политички систем уште во 2014 година.Тие обвинуваат дека целта на IRA била „сеење раздор“.

Американските обвинители истакнаа како IRA ги преплавила социјалните мрежи со лажни извештаи и теории на заговор за да ги искористи социјалните поделби во САД.

Руската влада ги отфрли обвинувањата за мешање во изборниот процес.

Односите меѓу Вашингтон и Москва беа затегнати во последниве години поради обвинувањата дека Русија влијаела на изборите во 2016 година, поради руската инвазија на Украина и санкциите наметнати од Западот кон Русија.

Слични содржини