Десетици милиони деца се изложени на ризик од болести што можат да се спречат со вакцинирање

од Stefanija Kuzmanovska

Околу 80 милиони деца ширум светот би можеле да бидат изложени на ризик од болести што можат да се спречат со вакцинирање, како што се дифтерија, сипаници и детска парализа, затоа што рутинската имунизација беше нарушена за време на пандемијата од КОВИД 19, предупредуваат агенциите на Обединетите нации и Асоцијацијата за вакцинација ГАВИ.


Пред глобалниот самит за вакцинирање, закажан за 4 јуни, Светската здравствена организација (СЗО), Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) и ГАВИ во изјава соопштија дека податоците покажуваат дека обезбедувањето рутински услуги за имунизација се значително нарушени во најмалку 68 земји.

Ова, предупредуваат тие, најверојатно ќе влијае на околу 80 милиони деца под една година кои живеат во тие држави, пренесе Ројтерс.

Тие додадоа дека зад ваквото невидено нарушување на услугите на глобално ниво, откако ваквите проширени програми започнаа во 1970-тите, се ограничувањата на патувањето, одложувањата во испораките на вакцини и неподготвеноста на некои родители да ги напуштат своите домови заради страв од изложеност на коронавирус и недостаток на здравствени работници.

„Не можеме да дозволиме борбата против една болест да биде на штета на долгорочниот напредок што е постигнат во нашата борба против другите болести“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Хенриета Фор.

„Иако околностите може да бараат од нас привремено да запреме некои обиди за имунизација, овие имунизации мора да бидат продолжени во најкраток можен рок или да ризикуваме да замениме една смртоносна епидемија со друга“, истакна таа.

Слични содржини