Десетици мртви и исчезнати во катастрофалните поплави во Европа

од Vladimir Zorba

Најмалку 42 лица загинаа, а десетици се водат за исчезнати по катастрофалните поплави во западна Германија, уште шест се мртви во Белгија, а Холандија и Луксембург се тешко погодени, објавија светските агенции во четвртокот.

Поплавите се случија кога бесните реки ги пробија своите корита по обилните врнежи од дожд во последните два дена.

Белгискиот град Лиеж ги повика жителите да го напуштат градот.

Премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, еден од најпогодените делови на Германија, рече дека многу луѓе се уште се во опасност.

Училиштата се затворени, а патиштата на западот на земјата блокирани.

Вонредна состојба е прогласена во областа Шулд беј Аденау, во планинскиот регион Ајфел на границата со Белгија и Луксембург, пренесуваат германските медиуми.

Околу 500 војници се распоредени да им помагаат на областите каде ситуацијата е најтешка, соопшти Министерството за одбрана.

Ангела Меркел, која е во посета на Соединетите држави, ја координира федералната помош со министрите.

„Овде во Вашингтон, моите мисли се со луѓето дома“, рече таа, според списанието „Велт“.

„Засега не го знаеме точниот број на жртви, но ќе има многу… некои се во подрумите на куќите, а некои пожарникари се обидуваат да ги однесат на безбедно“, рече таа.

Претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен изјави дека Европската унија е „подготвена да помогне“.

„Моите мисли се со семејствата на жртвите од разорните поплави во Белгија, Германија, Луксембург и Холандија и со оние кои ги загубија своите домови“, напиша поранешниот германски министер за одбрана на Твитер.

Британскиот премиер Борис Џонсон понуди помош во спасувачките операции, нарекувајќи ги поплавите „катастрофални“.

Бројни делови на Западна Германија сè уште се отсечени од остатокот од светот по силното невреме и обилните врнежи од дожд во средата вечерта.

„Сè уште не сме доживеале таква катастрофа“, рече премиерот на сојузната покраина Рајнска област-Пфалц по вонредната владина седница во Мајнц.

Армин Лашет, премиерот на најнаселената сојузна држава Северна Рајна-Вестфалија и можен наследник на Ангела Меркел како канцелар, за време на обиколката во подрачјата погодени од поплавите изјави дека треба да се забрзаат мерките за заштита на климата.

Во Белгија, најтешко погодени се франкофонскиот регион Валонија, југот и истокот на земјата и делови од Фландрија.

Во Лиеж, кој лежи на реката Меуз, се очекува натамошен пораст на водостојот до метар и половина. Затоа, градските власти ги покануваат сите што се таму заради деловна активност или од други причини да го напуштат градот, а жителите да се качат горе. Полицијата ги повика жителите да го напуштат центарот на Лиеж малку по 15 часот.

Според белгиските медиуми, толку висок водостој на реката не е забележан од 1926 година.

Ситуацијата е критична низ цела Валонија, особено во градовите што лежат на реката Меуз и нејзините притоки.

Слични содржини