Дескоска: Ќе има разлика за наградата за извршителите, не е исто блокирање на сметка и заплена на имот

од Aleksandar Todeski

Министерката за правда, Рената Дескоска на прес конференција во владата истакна дека Законот за извршување не ги регулира тарифите, односно дека регулацијата е посебен подзаконски акт.

„Ние пративме предлог до Комората на извршители со цел да видиме што е реално возможно бидејќи поплаките кои ги добиваме од граѓаните секој вторник навистина укажаа на одредени аномалии. Една од аномалиите е тоа што генерално денеска го решаваме и тоа беше главна аномалија, затоа што нивните поплаки главно за големите камати кои што се собрале врз основа на главниот долг и практично се гледаше дека најголемиот проблем беа каматите, затоа пристапивме кон овие законски измени. Втората поплака беше дека практично им се зема голем дел од платата или пензијата, а тоа се ниски примања. Барањата беа да одиме на намалување на процентот од плата и затоа одиме на една петина од оние кои се под просечна плата, сепак тоа се плати кои не би требало да бидат зафатени во голем обем“, истакна Дескоска.

Таа појасни дека Министерството сакало наградата за сите да биде 300 евра, но извршителите им кажале дека има разлика помеѓу извршувањето, односно дали се блокира сметка или се работи на заплена на имот, па се согласиле да направат разлика за наградата.

„Третата работа е околу тарифата на извршителите, ние разговаравме околу тоа дека до сега направивме измена со намалување на каматите. Таа тарифа помина и веќе ги имаме резултатите. Не важеше ретроактивно, но важеше за новите предмети и тоа граѓаните го почитуваат и ценат. Сега сакаме да направиме измена во делот кој што се однесува на намалување на горната граница на она што значи награда за извршителот. Тука најверојатно ќе треба да направиме разликување, една е награда кога извршителот ќе пушти само налог да се блокира сметка и тоа дејствие не е многу напорно дејствие да зема голем труд, па да биде посебно награден, но друго е труд ако се вложи напор да се врши јавно продавање, заплена на имот, така да тоа што тука треба да се направи различна висина за тоа што треба награда за блокирање на сметка или извршување врз основа на плата, а што ќе значи заплена на имот, така да тоа ќе се регулира со подзаконски акт. Ние мора да одиме со мислење на комората кое не е обврзувачко. Нашата улога е специфична бидејќи во изминатиот период секој вторник протестираа граѓаните, бидејќи кога ќе влезат во спиралата на извршување не можат да излезат. Овој закон е голем чекор за да им се олесни на тие граѓани“, додаде министерката Дескоска.

 

Слични содржини