Дескоска: Сметам дека ќе се почитуваат препораките од Венецијанската комисија

од Vladimir Zorba

Министерката за правда Рената Дескоска смета дека земјава ќе ги почитува препораките од Венецијанската комисија во одонос на Законот за употреба на јазиците.

– Вие не можете да смените ништо во Собранието во делот на судството без двотретинско мнозинство, рече денеска министерката Дескоска одговарајќи на новинарско прашање во однос на препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците.

Таа смета дека во делот на кривичните и граѓанските постапки, во моментот без оглед што постои Законот за јазици, во матичните закони што се однесуваат на кривичната и на парничната постапка немаме измени кои би значеле употреба онаква каква што е регулирана во Законот за јазици.

– Факт е дека ние имаме Закон за кривична и за парнична постапка кои се двотретински закони, и тие не може нивните одредби кои регулираат еден начин на употреба на јазикот да бидат суспендирани со закон што се носи со обично мнозинство како што е Законот за јазици, така што во тој дел мислам дека забелешката на Венецијанската комисија е дека не смее да се дозволи правото на употреба на јазикот од лица кои што се носители на фунцкии во судството, не од страна на граѓаните, потребата од граѓаните е неспорна и со постојните закони секој граѓанин што е во нашата држава во кривична постапка без оглед на етничка припадност и мајчин јазик има право да го користи како обвинет заради тоа што тоа е елементарно човеково право, секој има право да го разбере судењето што се одвива против него и да го даде својот исказ. Во делот на парничната постапка граѓаните што се албанци (над 20 проценти од граѓаните во нашата држава) имаат исто така право да употребуваат свој јазик и таа употреба е неспорна, рече Дескоска.

Таа додаде дека проблемот на кој што укажува Венецијанската комисија е всушност употребата од страна на носителите на функции во рамките на судската власт, а тоа се судиите и јавните обвинители.

– Мислам дека тука за жал во моментов мора да бидеме свесни дека имаме неконзистентност на двата закони (законите за постапките и Законот за јазиците) и нормално и природно е дека предност има оној што е двотретински закон. Она што е важно е дека не смее да се дозволи користењето на правото од страна на функционери да биде злоупотребено за попречнување на правдата. Ние видовме обид дека адвокатот на Груевски во една од постапките го покрена прашањето, не Груевски лично како обвинет, туку неговиот адвокат со цел да одолговлечи, да блокира судски процес. Се надевам дека на било кој што е релевантен фактор во државава нема да има цел со одредени одредби од законот за јазици да ја блокира правдата во нашата држава, да ги спречи постапките што се водат и да овозможи застарување на судските предмети, дополни Дескоска.

Слични содржини