Дескоска: Со Законот за Јавно обвинителство овозможивме продолжување на сите постапки на СЈО

од Viktor Jovanov

Во изминатиот период, интензивно работевме на отстранување на сите законски и системски пречки на патот на правдата преку усогласување на законите со европската регулатива. Денеска, можеме со сигурност да кажеме дека имаме закони со европски стандарди со чија доследна имплементација, правосудството може да си го врати угледот и довербата во јавноста. Остварувањето на заложбите за правда почнуваат со создавање на законска рамка, но за нивен успех неопходна е имплементација на тие закони и интегритет на оние кои ги имплементираат, а тоа се судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и сите вработени во правосудството, напиша на социјалните мрежи министерката за правда, Рената Дескоска.

-Во градењето на законската рамка, тргнавме од Стратегијата за реформи на правосудството донесена во 2017 година. Досега, донесени се десетина закони кои создаваат солидна правна основа, меѓу кои најзначајни се Законот за јавното обвинителство, Законот за Судскиот совет и Законот за управување со движењето на предметите во судовите, како и измените и дополнувањата на Законот за Советот на јавните обвинители и Законот за судови. Создадовме можност за независна, ефикасна, транспарентна и професионална работа на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, како и ефикасни постапки за одговорност на судии и јавни обвинители за нестручно и несовесно вршење на работата. Ги заостривме критериумите за избор на судии и јавни обвинители. Обезбедивме основи за квалитетот и ефикасноста на судиите да се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Предвидовме и постапка за одговорност на член на Судскиот совет, вели Дескоска.

Министерката додава дека со новодонесениот Закон за јавното обвинителство се овозможува продолжување на сите започнати постапки, воведени се гаранции за независноста на јавното обвинителство и зголемена ефикасност на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

-Создадовме гаранција за спречување на манипулацијата со АКМИС системот кој во минатото се злоупотребуваше за избор на подобни судии кои ќе работат на конкретни предмети. Со новиот Закон за управување со движењето на предметите во судовите и Законот за судовите предвидовме основ за разрешување на судии и претседател на суд ако предметите не се доделуваат по случаен избор преку АКМИС. Создадовме правен основ и за сличен систем за распределба на предмети по случаен избор и во рамки на Јавното обвинителство, напиша Дескоска.

Таа вели дека очекува сите институции во рамки на правосудството да ја имаат предвид својата улога во градењето на систем на владеење на правото, почитување на човековите права и напредувањето на патот на евроинтеграцијата.

-Судиите и обвинителите, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се сега на потег. Ги поддржувам граѓаните во нивните барања за враќање на довербата во правосудството, но заради почитување на принципите на немешање во судската власт, се додека ја вршам функцијата министерка за правда нема да учествувам на било каков собир пред суд или јавно обвинителство. Од тие причини не учествував ни на денешниот марш, вели Дескоска.

Слични содржини