Дескоска за ставот на Холандија да не дава датум без СЈО: На ВМРО ДПМНЕ ѝ беше укажано!

од desk4

Само од ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон иднината на СЈО зависи дали Холандија ќе одобри добивање датум за преговори со ЕУ, вели за СДК министерката за правда Рената Дескоска, откако Владата на Холандија вчера соопшти дека инсистира на брзо усвојување на законот со кој ќе се осигура гонење на корупција кај високите функционери.

Според неа, сега датумот зависи од согласноста на лидерот на партијата Христијан Мицкоски да го прифати предложениот закон за статусот на СЈО, со кој му се одврзуваат рацете да ги доврши почнатите истраги и да брка актуелна висока корупција.

Дескоска вели дека друга пречка – нема, а ни таа лично нема намера да попушти пред барањето на преговарачите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да издејствуваат амнестија за нивните обвинети и осомничени партиски функционери. Преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ го води пратеникот Антонијо Милошоски кој и самиот е еден од осомничените во истрага на СЈО.

„Во целиот изминат период укажувавме на значењето на овој закон и повикувавме ВМРО-ДПМНЕ европската иднина на земјата да ја стави пред личните интереси на поединци во нивната партија. Се надевам дека оваа порака од Хаг ќе ја сфатат сериозно и ќе се однесуваат одговорно кон државата“, одговори Дескоска за САКАМДАКАЖАМ.МК, на прашање што ќе се случува понатаму, сега откако се знае ставот на Холандската влада дека согласност за датум нема да даде без да се реши статусот на СЈО.

Слични содржини