Деспотовски се сретна со Комесарот Бартон, го презентирал новиот концепт на поттикнување на инвестиции

од Vladimir Zorba

Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски и Комесарот за трговија на Нејзиното Височество за Европа, Крис Бартон остварија средба на која се разговараше за можностите за соработка и нови инвестиции, во контекст и на новиот концепт на работа на ТИРЗ.

Директорот на ТИРЗ, Деспотовски нагласи дека предноста на Северна Македонија како мала земја е тоа што ги препознава потребите на инвеститорите и нуди флексибилниот пристап. Тој исто така посочи дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања, е стабилноста гарантирана со членството во НАТО, како и предвидливата деловна клима, пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги. На средбата се разговараше за конкретни механизми за соработка и размена на искуствата во однос на инвестициските активности во двете земји.

Комесарот за трговија Бартон нагласи дека целта на неговата посета е дополнително да ги поттикне трговските и инвестициските врски меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Комесарот Бартон ја претстави и можноста за гаранции за инвестиции за британски извозни и инвестициски проекти во Северна Македонија. Комесарот Бартон изрази задоволство од британските компании што инвестираат во земјава кои се пример за добри пракси во работењето и најави дека ќе продолжи да работи на зголемување на економското присуство во регионот.

Деспотовски информираше и за подготовките за нов циклус на активности за поттикнување на инвестиции, со фокус на Западна Европа, САД, како и источна Азија и го најави почетокот на новата промотивна кампања за инвестициските можности во Северна Македонија, во соработка со реномираниот британски магазин „Економист”. Кампањата се базира на презентација на десетгодишните резултати од работењето на компаниите во ТИРЗ, кои според анализата, оствариле континуиран раст во изминатава декада и постојано растат. Само вкупните приходи на компаниите бележат просечен годишен пораст од 16%, а раст има и на бројот на работни места, платите и уплатите во Буџетот на државата.

Слични содржини