Деспотовски во посета на „Гересхајмер“ – компанијата ја проширува инвестицијата во ТИРЗ Скопје

од Vladimir Zorba

Иницијалната инвестиција на германската компанија „Гересхајмер” од 25 милиони се зголемува за повеќе од двојно. Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски кој беше во посета на „Гересхајмер” во Германија со потпретседателот на компанијата Оливер Бургел разговараше за спроведувањето на договорот за проширување кој е постигнат во 2021 и е веќе во завршна владина процедура на одобрување, но и за новите дополнителни инвестициски планови на компанијата.

Деспотовски ги посети производствените погони во „Гересхајмер” каде со високо-напредна технологија се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и пластика. Дел од оваа технологија се користи и за производство во фабриката во Скопје.

Деспотовски очекува дека со новиот концепт на ТИРЗ за привлекување инвестиции и индивидуализириот пристап, во скоро време интензивните преговори ќе резултираат и со нова високотехнолошка инвестиција која носи голема додадена вредност, односно високи плати и поголем придонес во државниот буџет.

Со зголемувањето на обемот на инвестиции, „Гересхајмер”, презема обврска и за отворање на дополнителни 200 работни места, а на среден рок да го удвои овој број. Просечната плата во фабриката е двојно над државниот просек.

„Гересхајмер” е водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канели, шишенца за вакцини и сл. Оваа компанија има погони за производство во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.

Инаку во ТИРЗ во 2021 се постигнати договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат нови 2700 работни места, а во напредна фаза на преговори, каде компаниите имаат доставено најмалку официјално писмо за намери, се дополнителни инвестиции близу 300 милиони евра со нови над 1500 вработувања.

Слични содржини