Детали од сведочењето на принцот Хари: „Ќе почувствувам неправда доколку судот…“

од Stefanija Kuzmanovska

Британскиот принц Хари денеска изјави дека хакирањето на неговите телефони било изведено „на високо ниво“ во британскиот печат и дека ќе почувствува неправда доколку Високиот суд во Лондон пресуди дека тој не е жртва, пренесе „Ројтерс“.

Хари, првиот висок член на кралското семејство кој сведочеше на суд по повеќе од 130 години, беше под „вкрстен оган“ на говорницата за сведоци втор ден по ред по неговите наводи дека таблоидите користеле незаконски средства за да го следат уште откако бил дете.

Тој се соочи со речиси пет часа вкрстено испрашување во вторникот, а „испрашувач“ беше Ендрју Грин, адвокат на Mirror Group News Papers (MNG), групата која ги поседува „Дејли мирор“, „Сандеј мирор“ и „Сандеј пипл“, против кои Хари и 100 други луѓе поднесоа тужби дека незаконски ширеле информации за нив, собрани помеѓу 1991 и 2011 година.

Грин денеска изјави дека нема мобилни податоци кои укажуваат на тоа дека Хари бил жртва на хакирање на телефонот.

„Доколку судот утврди дека никогаш не сте хакирани од ниту еден новинар на МНГ, дали ќе се чувствувате олеснето или разочарано“, го праша Грин принцот. Хари рече дека таквото прашање е чиста шпекулација и дека верува дека најмалку три весници го хакирале во тоа време и дека околу тоа немало сомнеж.

„За да биде донесена одлука против мене или кој било кој исто така поднел тужба, а имајќи предвид дека МНГ го прифатила хакирањето… да, би почувствувал одредена неправда“, одговори Хари.

На коментарот на Грин дека „Хари би сакал да биде жртва“, принцот одговорил со „никој не сака да му биде хакиран телефонот“.

Пријавувајќи детали од судењето, „Ројтерс“ додаде дека Хари и денес изгледал опуштено, зборувајќи цврсто, но тивко додека Грин го испрашувал за детали од повеќе од 33 написи во весници за кои Хари вели дека се создадени со помош на информации добиени незаконски.

Слични содржини