Џабаров: Русија да не доставува гас до земјите кои не дозволија прелет на Лавров

од Nikola Popovski

На Северна Македонија, Црна Гора и Бугарија, кои не дадоа дозвола за прелет на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, не треба повеќе да бидат снабдувани со руски енергенси, смета првиот заменик-претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Советот на Руската Федерација Владимир Џабаров.

„Значи, рускиот природен гас што го добиваат тие земји за нив апсолутно не е отровен, додека летот на авионот со рускиот министер предизвикува сериозна загриженост. Прашањето е, можеби тие земји воопшто не треба да се снабдуваат со руска енергија?“, напишал Џабаров на својот канал на Телеграм, пренесува „Спутник“.

Претходно, Црна Гора, Бугарија и Северна Македонија го забранија летот на руски владини авиони преку нивниот воздушен простор во неделата вечерта, пред најавената посета на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија.

Во прилог на тоа, портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, потврди дека земјите што ја опкружуваат Србија го затвориле небото за авионот на Сергеј Лавров, нагласувајќи дека Москва не е таа што гради нова „железна завеса“, туку дека Европа е таа која ја оградува Русија.

Слични содржини